Туфегџиќ: Лицето имало статус на заштитен сведок пред објавувањето на текстот на Кежаровски
Вторник, 4 јуни 2013 – Истражниот судија во случајот „Ликвидација“ во текот на постапката има обврска по службена должност да ја преиспитува одлуката за притворот на новинарот Томислав Кежаровски од весникот Нова Македонија, кој беше приведен за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“, изјави денеска истражниот судија Владимир Туфегџиќ должен за односи со јавност на Основниот суд Скопје 1.
По барање на новинарите денеска се оствари средба меѓу тројца членови на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски и претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, како и истражниот судија Владимир Туфегџиќ.
Како што објасни Туфегџиќ по средбата, притворот на Кежаровски му бил одреден заради опасност од бегство и влијание на сведоците кои во овој дел од истражната постапка сé уште не се сослушани. Адвокатот на Кежаровски кој му бил доделен по службена должност, како што посочи, не поднел жалба на решението за притвор што го одредил истражниот судија.
Новинарите на средбата побарале да се има предвид дека се работи за новинар, како и да им се одговори на прашањата дали пред објавувањето на текстот лицето имало статус на заштитен сведок и дали е измислен и лажен заштитен сведок, имајќи предвид дека во февруари годинава заштитениот сведок го откри идентитетот и рече дека полицијата го присилила да биде заштитен сведок.
Според Туфегџиќ, во 2008 година, кога Кежаровски го открил идентитетот на заштитениот сведок од случајот Ореше во весникот „Репортер92“, сведокот формално правно имал статус на заштитен сведок.
„Лицето се стекнало со статус на заштитен сведок на 5-ти ноември 2008 година и неговиот натамошен статус бил под псевдоним ’Бреза’. Како таков, бил на распит пред истражен судија со псевдоним ’Бреза’ и во таа смисла значи по дваесетина дена, на 28-ми ноември објавен е напис во весникот ’Репортер’ во кој е откриен идентитетот на заштитениот сведок. По овој напис во истиот весник по 20-тина дена Кежаровски го објави и записникот за распит на заштитениот сведок и во таа смисла стана јасно дека новинарот знае дека лицето има таков статус. Сево ова е од описот и доказите кои се доставени од јавниот обвинител до истражниот судија и можам да истакнам дека во понатамошниот тек на постапката треба да бидат преземени и други дејствија меѓу кои и сослушување на сведоци“, изјави тој.
Според главниот и одговрен уредник на „Нова Македонија“, кој е дел од иницијативниот одбор, причините за затворањето на Кежаровски се неоправдани.
„Причините за затворањето на новинарот Томислав Кежаровски дека ќе влијае врз јавноста и ќе се даде во бегство се неоправдани. Побаравме во правна постапка да се преиспита мерката притвор за новинарот, а судијата по службена должност треба да ги разгледа околностите за да може да ја замени мерката со домашен притвор“, изјави Димитровски.
Димитровски вели дека вечерта кога Кежаровски се бранел, му било доделено адвокат по службена должност, но, адвокатот не поднел жалба на мерката притвор од непознати причини. Потсети дека, сепак постои правна процедура адвокатот тоа да го направи.
„Мора да се има предвид дека новинар е во притвор и дека јавноста е заинтересирана за случајот. Воедно, се работи и за дигнитетот на професијата. Се надеваме на правна разврска со која сите страни ќе бидат задоволни“, порача тој.
Во меѓувреме, покрај регионалните здруженија на новинари и Асоцијацијата на европски новинари (АЕН) побара итно ослободување на Кежаровски.
Кежаровски беше уапсен пред неколку дена во рамки на полициската акција „Ликвидација“. Осомничен е дека во 2008 година, како новинар во „Репортер 92“, во јавноста изнел информации и податоци за заштитен сведок во случајот „Ореше“, со што го прекршил Законот за заштита на сведоци.
Фото: Макфакс