Најмалку две лица повредени на Таксим, демонстрантите со жив ѕид го штитат паркот
Вторник, 11 јуни 2013 – Најмалку две лица се повредени денеска во операцијата на полицијата на истанбулскиот плоштад Таксим. Напнатоста во реонот на плоштадот, на 15-от ден од антивладините протести, продолжува. Демонстрантите фрлаат молотови коктели и камења врз полицајците, кои враќаат со солзавец и водени топови.
Демонстрантите формираа жив ѕид, за да и попречат на полицијата да влезе во околниот парк Гези.
Неколку стотици полицајци од силите за брза реакција беа доведени на плоштадот со дваесет автобуси. Во реонот се чувствуваат тензии. Градоначалникот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу, меѓутоа, изјави дека целта на операцијата е да се симнат плакатите од културниот центар Ататурк и од споменикот на Ататурк на плоштадот.
Претходно, дел од тамошните медиуми објавија дека полицајците опремени со заштитни елеци се подготвуваат да ги растурат барикадите на демонстрантите кои кампуваат во реонот. Полицајците преку мегафони уверуваа дека немаат намера да извршуваат интервенција.
Првично, полицијата и демонстрантите успеаја да се договорат дека силите на редот нема да влегуваат во територијата на паркот. Подоцна, меѓутоа, се развија судири, кои се пренесоа и во соседните улици.
Билансот на повредени лица на протестите кој почнаа пред речиси две недели изнесува повеќе 5.000 луѓе, а службената статистика говори за четворица мртви, иако спред невладините организации оваа бројката на загинати е поголема.
Премиерот на Турција Реџеп Таип Ердоган преку својот портпарол за утре најави средба со организаторите на протестите загрижени за плановите за развој во паркот Гези, со цел да ги сослуша нивните планови и предлози. Во исто време тој предупреди дека турските власти на „нелегалните организации“ нема да им дозволат да продолжат со немирите и да предизвикуваат натамошни штети.