/ Прочитано:

807

Турците на референдум ќе одлучуваат за преуредувањето на Истанбул

Петок, 14 јуни 2013 – Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се согласи да бидат прекинати плановите за реконструкција на паркот Гези, каде веќе две недели се одржуваат антивладини протести. Ердоган во текот на ноќта, се состанал со претставници на граѓанската организација „Таксим солидарност“ како и со актери и уметници. Средбата, според турските медиуми, траела четири часа и Ердоган го повторил ставот за одржување референдум за жителите на Истанбул за проектите во паркот Гези.

Премиерот Ердоган пред претставниците на демонстрантите го повтори ставот за одржување референдум за жителите на Истанбул за проектите во Гези.

„Сакаме да знаеме што мисли населението во Истанбул, и тоа решение ќе биде многу значајно за нас“, изјави Хусеин Челик, портпарол на владејачката Партија на правдата и развојот по средбата на Ердоган со претставници на демонстрантите.

Портпоралот уверува дека Владата нема намера да извршува градежни промени во паркот Гези, каде веќе две недели има демонстранти, пред населението на Истанбул да се изјасни за проектот за градење во паркот.Во делегацијата на демонстрантите имало 10 луѓе, меѓу кои и претставници на граѓански организации.

Откако вчера Ердоган им упати ултиматум на демонстрантитево врска со евентуалниот референдум,  неколку часа подоцна тие го одбија ултиматумот и ја отфрлија можноста за референдум за градежните работи во паркот. Според нив, референдумот не може да го реши проблемот во врска со основните права и личните слободи. Некои членови на протестното движење го изразуваат и стравувањето – премиерот кој со години ја има власта, при референдум би можел да го мобилизира целиот апарат на неговата владејачка Партија на правдата и развојот. Предлогот за изјаснување на народот и разговорите со претставници на демонстрантите се само дел од стратегијата која ја води Ердоган.

Протестите за спас на околу 600 стебла во паркот Гези започнаа на 31-ви мај, а потоа прераснаа во антивладини протести во повеќе турски градови. Во протестите животот го загубија пет лица, а околу пет илјади луѓе беа повредени. 

САД и другите западни земји го критикуваа Ердоган поради начинот на решавање на кризата, а Европскиот парламент вчера усвои резолуција во која турската влада се предупредува да не презема остри мерки против мирољубивите демонстранти. 

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, пак, ја отфрли критиката која стигнува од странство, пред се‘ од САД и ЕУ. 

„Турција нема да дозволи да и‘ се делат лекции од држави или групи на држави“, изјави тој.