/ Прочитано:

1.199

Тужба поради родова дискриминација во спортот

Пред Основниот граѓански суд Скопје денеска треба да се одржи првото рочиште по тужбата против Боречката федерација врз основа на „забрана на дискриминација врз основа на род и пол“.

Според тужителите – Полицискиот боречки клуб „Безбедност“ и Полицискиот клуб за боречки спортови „7 Мај – Тигар“ од Скопје, Боречката федерација на Република Северна Македонија во повеќе наврати и во подолг временски период флагрантно ги крши Уставот на Републиката, Законот за заштита од дискриминација и Законот за еднакви можности на жените и мажите бидејќи врши директна дискриминација врз основа на пол и род.

„Жртва на дискриминаторските дејствија со кои нееднакво се постапува се женските борачки. Женските членови на боречките клубови се дискриминирани на повеќе начини, првично нивните активности не се во целост регулирани со подзаконски акти на ниво на Федерацијата; во одредени категории не се формирани женски репрезентации; по завршување на натпреварите, на машките учесници им се доделуваат медали и сертификати, додека пак на женските учеснички само сертификати“, наведуваат тужителите.

Од таа причина двата боречки клуба, преку Македонското здружение на млади правници поднесоа претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, која постапи по претставката и донесе Општа препорака бр. 0801-152/3 од ден 21.6.2019 година, со која се потврди постоењето на дискриминаторските дејствија извршени од страна на Федерацијата.

„Согласно, законските одредби од областа на заштита од дискриминација, жените и мажите треба да имаат еднакво учество во сите области на јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварување на сите пpава и во развојот на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултати произлезени од тој развој. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека во конкретниот случај има основ за дискриминација во областа на родовите права“, тврдат тужителите (МИА).