/ Прочитано:

1.275

ТУЖБА ПРОТИВ ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ ВО САД: Студентка не нашла работа, па бара да ѝ бидат вратени парите за школарина

Судот во својата одлука навел дека тужителката и останатите студенти што завршуваат на кој било факултет во САД не смеат слепо да се надеваат и веднаш да очекуваат вработување само затоа што завршиле на некој од престижните факултети, туку мора да бидат свесни дека постои ризик да не бидат веднаш во можност да се вработат на место соодветно на нивната професија.

1 fak

Поранешна студентка, дипломиран правник, најдобра во својата генерација, го загубила спорот што го водела пред судот во Сан Диего, Калифорнија, против правниот факултет каде што дипломирала пред 10 години.

Ана Алабурда, 37-годишна жена, дипломирала на  Правниот факултет „Томас Џеферсон” во Сан Диего, со највисок просек во својата генерација, но досега не успеала да најде соодветна работа според своето правничко образование.

Таа го тужела нејзиниот поранешен факултет за надомест на штета од 125 000 долари, тврдејќи дека партиципацијата што ја плаќала за школувањето била несоодветна со стапката на инфлација во државата.

Откако дипломирала, Алабурда решила да полага правосуден испит, што заедно со школарината од правниот факултет ја чинело 150 000 долари. Потоа, од една адвокатска канцеларија ѝ била понудена работа со плата од 60 000 долари годишно, но Алабурда ја одбила понудата.

Интересно е дека по таа понуда, Алабурда била одбиена од повеќе од 150 адвокатски фирми на интервју за работа, иако постојано ја праќала својата биографија.

Таа, впрочем, зела кредит од банка за да ги покрие трошоците од студирањето, бидејќи се надевала дека по дипломирањето ќе најде пристојна и добро платена работа како правник, со која истовремено ќе може и да го отплаќа долгот од кредитот кој сега изнесувал 170 000 долари.

Поради тоа што била одбивана на интервјуата за работа, а долгот кон банката растел, во 2011 година решила да поднесе тужбата против Факултетот кој имал најдобра репутација и статистички највисоко котирал според процентите за вработување на студентите што дипломирале таму, што впрочем бил и нејзиниот мотив за да студира на „Томас Џеферсон”.

Деканот на Факултетот, Томас Гернси, не сакал да ја  коментира постапката и тужбата на поранешната студентка, но изјавил дека Факултетот има репутација на пазарот како факултет што го лансира најдобриот кадар во правната професија, со околу 7 000 правници кои и сега работат во адвокатурата, како во САД така и во други држави, а што се однесува до тужителката, правниот застапник на Факултетот изјавил дека, сепак, ѝ била понудена работа со плата од 60 000 долари годишно, која ја одбила.

Судот во својата одлука навел дека тужителката и останатите студенти што завршуваат на кој било факултет во САД не смеат слепо да се надеваат и веднаш да очекуваат вработување само затоа што завршиле на некој од престижните факултети, туку мора да бидат свесни дека постои ризик да не бидат веднаш во можност да се вработат на место соодветно на нивната професија.

Предметот на Ана Алабурда е прв предмет земен во работа од страна на судот, во кој поранешен студент го тужи факултетот за конкретното отштетно побарување, откако претходно 15 тужби од студенти биле одбиени од страна на судот во изминатите неколку години.

Ниту една од овие тужби не била земена во работа од страна на судовите во Илиноис, во Мичиген и во Њујорк бидејќи според нив студентите со своја слободна волја одлучиле да студираат право и требало да знаат дека никогаш и не им била гарантирана работата како правници.

Тужбата на Алабурда, сепак, била процесирана со цел да ги отфрли намерите на Правниот факултет за попречување на правдата.

Адвокатот на тужителката изјавил дека процесот траел долго време, повеќе од 5 години, но дека ова е првпат да биде тужен еден правен факултет кој очигледно направил грешка во наплатата на школарината.