Тужби од граѓани за оштетување на возило од улична дупка или паѓање на гранка, кршење нога во шахта или седнување на дотраена клупа

Понеделник, 13 јануари 2014 – Расте свеста на граѓаните дека можат да го тужат Градот Скопје, општините или јавно претпријатие и да бараат надомест за материјална и нематеријална штета за пропусти за кои е одговорна локалната самоуправа – ако возило се оштети од улична дупка, ако врз него падне гранка, знак, семафор, ако некој искрши нога во отворена шахта или при седнување на дотраена клупа, пишува Дневник.

За разлика од порано, кога барањето отштети поради пропусти на локалните самоуправи беше реткост, сега повеќе не е, објаснуваат адвокатите што се занимаваат со имотни спорови. Сепак се уште е мал бројот на граѓаните што навистина се одлучуваат да поведат тужби и се подготвени за неколкугодишни битки по судовите, пред се – поради големите трошоци. Ако не се сметаат издатоците што следуваат откога ќе почнат рочиштата, уште на самиот почеток, тужителите треба да издвојат минимум 20.000 денари за адвокати, такси, административни трошоци, тужби, вештачење, жалби и друго.

Погодена од заталкан куршум на езерото Треска

 Надлежните за односи со јавноста од „Паркови и зеленило“ информираа дека имаат седум-осум активни спора, во кои претпријатието е тужена страна од граѓани.

 „Пред се, станува збор за паднати гранки врз автомобили. Тужбите пристигаат на наша адреса, бидејќи нема усвоен закон за зеленило, односно нема домашни законски одредби со кои може да се заштитиме. Сега не тужат за се и сешто. А според меѓународни стандарди, ако ветерот дува со 80 километри на час, и притоа предизвика уривање на дрво врз автомобил или човек, штетата паѓа на грбот на надлежната институција, а ако брзината е поголема, плаќа осигурителна компанија. Но, за такво нешто, потребно е при регистрација на возилата да се плаќа надоместок и за вакви случаи“,  изјавија од „Паркови“.

 На годишно ниво исплатата на материјална отштета по оваа снова се движи до 150.000 денари

Издвоија еден случај кој исто така завршил во полза на граѓанин – кога жена паднала во отворена шахта во Градски парк. Иако капакот, како што објасни директорот, Душан Авировиќ, го украле несовесни граѓани, сепак вината паднала врз претпријатието. Овој случај тој го затекнал, како и уште еден – кога на езерото Треска, туристка од странство била погодена во бут од заталкан куршум. Таа барала 20.000 евра за повредата, но случајот не завршил во нејзина корист.

 И од Јавното претпријатие „Улици и патишта“, кое е задолжено за одржување на скопските улици, потврдија дека имаат граѓански тужби за надомест на штета, но, според нивни уверувања – тие се сe помалку. Не појаснија колку.

 „Тоа е затоа што почесто пристигнуваат тужби за нанесени штети на улици што не се во наша надлежност, туку во општинска, па затоа се почесто тужбеното барање кон нас се одбива поради немање пасивна легитимација да бидеме странка во постапката. Мал е бројот на тужители што ги добиваат случаите, а секако дека постојат и такви што ги добиваат, ако штета е направена на улица за чие одржување е надлежно нашето претпријатие“, изјави Ана Мирочевиќ, портпарол во „Улици и патишта“.

 За разлика од претпријатијата, од некои скопски општини потенцираа дека воопшто не биле тужени за инфраструктурни или комунални проблеми. Портпаролот на Бутел, Снежана Kлинчарова, вели дека се забележани два случаија кога граѓаните имале намера да ја тужат Општината, но се утврдило дека улиците се во надлежност на Градот. Исто како нив, никакви тужби од граѓани нема ни кон „Градски паркинг“, вели директорот Борче Јакимовски.

 Од Општина Аеродром изјавија дека против нив во тек е една постапка за надомест на штета по претходно спроведено уривање бесправен објект заради реализација на урбанистички план.

 Kонтејнерот му бил виновен

 Против „Kомунална хигиена“, информираа надлежните, досега се поднесени 12 тужби од граѓани за надомест на нематеријална и материјална штета. Според портпаролот Ана-Марија Бранѓолица, една од нив, веќе е правосилна и е во корист на претпријатието. Датирала од 2008 година, кога граѓанин побарал надомест на штета од сторена сообраќајна несреќа предизвикана од неправилно поставен уличен контејнер.

 „Во неколку наврати имало случаи на нанесување штета од наши возила на имот на граѓани (оштетена ограда, оштетен дел од столб на ограда и слично), меѓутоа секогаш биле решени во вонсудска постапка со враќање на оштетениот објект во поранешна состојба на товар на „Kомунална хигиена“. Секогаш станувало збор за мали занаетски работи ,кои се изведени од наши вработени во одделението за тековно одржување објекти“, посочи Бранѓолица.

 Во однос на нередовно подигање смет, неквалитетна услуга, појаснуваат, немаат тужби, само поплаки, кои ги добиваат во вид на претставки.

 „Нив најчесто ги решаваме така што претставник од оперативата оди на самото место и со непосреден разговор со граѓаните или во приговор доставен во судска постапка по наши тужби против физички лица за неплатен надомест на смет“, велат од претпријатието.

 Скапите процеси ги одвраќаат луѓето

 Граѓаните не се одлучуваат често за покренување тужби и барање отштета од Општина, Град или од претпријатие, пред се, поради скапите процеси. Адвокатите велат дека трошоците зависат од сумата што странката ја бара како обесштетување. На пример, ако побарува 100.000 денари, трошоците за тужба се два отсто, односно 2.000 денари. Ако се собере се на куп, за судски такси, административни трошоци, правна помош, тужба, поднесок, вештачење и друго, почетните трошоци што секој што тужи мора да ги плати се околу 20.000 денари. Потоа секое рочиште чини 4.680 денари. Трошоците на страната што победила во спорот ги намирува тој што загубил.