Уапсен градоначалникот на Љубљана заедно со неговите синови
Четврток, 27 септември 2012 – Во голема полициска акција во Словенија уапсен е градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ заедно со неговите синови Дамјан и Јура, пишуваат словенечките медиуми. Според вестите од Словенија во моментов се врши истрага за фирмата „Електа“ и сестринските фирми со кои управуваат синовите на Јанковиќ откако тој заплива во политичките води.
Наводно, неколку години постоеле сомневање за криминал и корупција во фирмите на Јанковиќ, па полицијата ги отфрлува обвинувањата дека полициската акција претставува одмазда на премиерот Јанез Јанша. Полицијата пребарала 23 куќи и деловни простории на семејството Јанковиќ и уште три осомничени лица кои се соработници во неговите фирми.
Според полициските сомневање преку фирмата „Електа“ направени се бројни незаконски продажби на земјиште, пренос на парични побарувања, одлевање на пари во странство и криминални трансакции при изградбата на стадионот „Стожице“ во Љубљана. За изградба на стадионот градот уплатил 3, 9 милиони евра, од кои 62,5% преку комплицирани и сомнителни трансакции завршиле на сметката на „Електа“.
Пред неколку месеци Даночната Управа на Словенија изразила сомнеж дека градоначалникот Јанковиќ направил три кривични дела, злоупотреба на службената функција, фалсификување на деловни документи и оштетување на доверители.
Зоран Јанковиќ е претседател на најголемата опозициска партија „Позитивна Словенија“ кои на последните парламентарни избори во декември ланската година освоија најголем број на гласови, но Јанковиќ не успеа да формира влада.
Додека полицијата ја затворила градската канцеларија и вршела претрес во куќите на фамилијата Јанковиќ, словенечките новинари веќе се собрале пред неговата куќа. На вратата се појавила неговата сопруга велејќи им на новинарите дека не и е јасно што се случува и дека тие во моментот чекаат бебе. Додека ги апселе градоначалникот и неговите синови, сопругата на Дамјан Јанковиќ се породила во болница.