/ Прочитано:

3.307

Уапсен командирот на езерската полиција во Охрид, се сомничи за криволовство

Четврток, 6 декември 2012 – Командирот на езерската полиција во Охрид, утрово е уапсен под сомнение дека бил вмешан во криминал со криволовство и дозволувал нелегален улов на риба.

Освен командирот, осомничени се уште три лица, обвинети за истите дела, потврдуваат извори на Академик.

Директорот на Јавна безбедност Љупчо Тодоровски се очекува денеска да одржи прес-конференција во Охрид на која ќе бидат соопштени повеќе детали за акцијата.

Риболовците рекреативци:  Со дозвола на надлежните се дозволува стопански риболов на белвица за време на мрест

Инаку утринава преку  писмо испратено до медиумите, се огласи здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „Свети Апостол Петар“  од Охрид, апелираат до надлежните институции во Охрид и Струга, но и од централната власт да помогнат во спречување на уништувањето на рибата белвица во Охридското Езеро.

Според риболовците со дозвола на експертите и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство се дозволува стопански риболов на белвица за време на мрест, и тоа со помали окца на мрежи од дозволените според подзаконските акти, кои се на сила.  Ова е спротивно на Законот за рибарство и аквакултура, подзаконските акти, правилниците за дозволена големина на риби за лов, потоа за дозволена големина на риби за пуштање во промет, правилникот за дозволени големини на мрежи кои можат да се употребуваат за стопански риболов и утврдената риболовната основа.

– „Белвицата се ловеше секој ден од 15 октомври до први декември а сега се дозволи нејзин лов 6 дена во шпицот на нејзиниот мрест до 15 декември. Сега се мрести и охридската пастрмка така да во мрежите за белвица се ловат и мали примероци на охридска пастрмка“, тврдат спортските риболовци.

Тие потсетуваат дека никаде не се дозволува риболов  во време на мрест, а особено со мрежа во период кога со закон е утврдена забрана што е на сила од 15 октомври и трае до 31 март.

Риболовците од Спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“ иразуваат загриженост од причина што сметаат дека ќе дојде до физичко исчезнување на уште една ендимична риба пастрмка која е од непроценливо значење за биодиверзитетот на целиот европски континент. Еминентни светски научници сметаат дека Охридското Езеро крие одговори на развојната еволуција на рибите. Според нив охридската белвица што е предмет на криволов е меѓу најстарите жители на езерото е алката која недостига во еволуцијата на рибите од видот „салмониди“.