Во Шпанија уапсени припадници на Земунскиот клан
Петок, 12 октомври 2012 – Во заедничка акција на српската и шпанската полиција уапсени се 15 -тина лица, наводни членови на Земунскиот клан. Меѓу нив се братот и сопругата на Лука Бојовиќ, познат како водач на оваа криминалистичка група. Лука Бојовиќ е син на прочуениот директор на белградската зоолошка, Вук Бојовиќ, а во српските медиуми е познат како наследник на Милорад Улемек Легија.
Изутринава во Шпанија уапсени се членови на потесното семејство на Лука Бојовиќ, познат како наследник на Милорад Улемег Легија, неговиот брат Никола Бојовиќ и неговата сопруга Барбара. Полициски претрес е направен во 20 станови и фирми во Шпанија. Акцијата ја извршиле безбедносната служба на Србија и Управата за криминалистичка полиција. Уапсените се по потекло од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Освен за ликвидација и перење на пари, групата е осомничена за продажба на наркотици од Јужна Америка, преку Шпанија до земјите од Европа.
Директорот на српската полиција Милорад Велјовиќ за српските медиуми ги потврдил информациите дека во Шпанија е уапсена група поврзана со Лука Бојовиќ.
„На територијата на Шпанија, во повеќе градови меѓу кои се Лас Палмас и Аликантеа е извршен претрес во 20 станови и приватни фирми со што се уапсени повеќе лица од поранешните југословенски земји, меѓу кои се братот и сопругата на Лука Бојовиќ. За сега се работи за кривични дела поврзани со повеќе ликвидации што се случиле одамна. Најново е тоа што групата се сомничи дека се занимавала со дилање на дрога од Јужна Америка, преку Шпанија, па се до повеќе земји од Европа“, изјавил Велјовиќ.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ појаснил дека групата е уапсена во 7 часот изутринава на Канарските острови. Освен сопругата на братот и сопругата на Бојовиќ, уапсени се и Владимир Мијатовиќ, Ненда Јорац, Славица Ристовиќ, Жељко Нешовиќ и уште неколку лица кои што за сега не и се познати на јавноста.
Бојовиќ важи за водич на Земунскиот криминален клан, а случајот досега не е потврден со правосилна пресуда. Тој на чело на групата застанал во 2003 година, по убиството на претседателот на српската влада Зоран Ѓинѓиќ. Познат е и по полициската акција „Сабја“ во која се убиени претходните шефови на групата, Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ.
Бојовиќ од Србија побегнал во 2010 година кога српската полиција ги уапсила Сретко Калиниќ и Милош Симовиќ, по нивната меѓусебна пресметка во Загреб. Осуден на 14 месеци затвор за нелегално поседување на оружје и 8 месеци за фалсификување на документи. Српското обвинителство го товари за неколку убиства и неколку обиди за убиства.