/ Прочитано:

1.113

Уапсени судија, обвинител, адвокат и новинар — причина: предметот за случајот „Ореше“

Вторник, 28 мај 2013 – Во полициска акција утрово се уапсени: поранешен истражен судија, судија од Основниот суд во Велес, јавен обвинител, пензиониран врховен судија, сопственик на велешки хотел, адвокат и уште две лица. Меѓу приведените е и новинар.

Неофицијално полицијата ги сомничи за примање поткуп и монтирање на случајот за двојното убиство во „Ореше“, се калкулира и со поголема бројка на уапсени. Причината за приведувањето на новинарот најверојатно е откривање на идентитет на заштитен сведок. Во моментов тие се изведени пред истражен судија.

Судскиот процес „Ореше“ е своевиден преседан во македонското судство. По половина деценија колку што траеше судската постапка, откако Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата за убиството во два наврата, враќајќи го предметот  на првостепениот суд во Велес, предметот доживеа неочекуван пресврт.  Имено, заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза“, кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство на 74-годишниот Лазо Милошевски во с. Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски. Според неговото кажување, инспекторите му дале однапред изготвен текст којшто требало дословно да го пренесе пред надлежниот суд. Сепак, откако увидел дека не му се исполнуваат претходните ветувања за парична награда и вработување на неговата сопруга, сведокот пристапи кон судот со својот вистински идентитет, тврдејќи дека сите претходни изјави ги дал под уцена и притисок.