/ Прочитано:

1.430

Учеството на натпреварот за меѓународна трговска арбитража е одлична девиза за секој студент

Веќе неколку години тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ постигнува големи успеси на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот. Натпреварот, кој традиционално веќе 23 години се одржува во Виена, претставува собир на 300 најдобри универзитети во светот од областа на меѓународното арбитражно право. Но, она што е од особено значење за овој натпревар е што тој им овозможува на учесниците да го продолжат своето образование на најпрестижните европски универзитети и правни факултети во Европа, како и да работат во реномирани адвокатски канцеларии.

foto akademik

М-р Љубен Коцев, кој беше прогласен за најдобар оратор на минатогодишниот натпревар и кој беше тренер на студентите кои се натпреваруваа оваа година, вели дека натпреварот претставува одлична девиза за понатамошна професионална едукација  за секој студент, без разлика дали се работи за работа или, пак, за студии. Раскажувајќи за своето искуство, Коцев истакнува дека, благодарејќи на бенефициите што ги нуди натпреварот, и самиот бил поттикнат да аплицира за специјализирани магистерски студии на Правниот факултет „Буцериус“ во Хамбург.

„Можам слободно да кажам дека доколку не бев дел од натпреварот за меѓународна трговска арбитража – Вилем К. Вис, немаше да ја имам оваа шанса. Благодарејќи на успехот што го имавме во 2014/2015 година на 22-от натпревар – Вилем К. Вис“, кога се пласиравме во финалната рунда од 32 универзитети во светот, јас се здобив со можноста да аплицирам за голем број на стипендии. Правниот факултет „Буцериус“ секоја година доделува една стипендија за учесници на натпреварот кои успеале да се пласираат во финалната рунда од 32 универзитети, и оваа година токму јас сум добитник на таа стипендија“, вели Коцев.

foto akademik

Тој појаснува дека се работи за специјализирани магистерски студии на Правниот факултет „Буцериус“ во Хамбург, кој претставува еден од најпрестижните правни факултети во светот, и веќе подолг временски период е рангиран како најдобар правен факултет во Германија.

„Магистерските студиите се на понапредно ниво во областа на меѓународното деловно и трговско право, и се во траење од 12 месеци. Претставуваат спој на теорија и пракса бидејќи како дел од програмата секој студент е обврзан да помине 2 месеци на пракса во некоја институција или во адвокатска канцеларија во Европа“, вели Коцев.

Во таа насока, Коцев вели дека голем број адвокатски канцеларии го сметаат учеството на овој натпревар како услов за доделување на пракса или, пак, вработување.

„Натпреварот претставува одлична девиза за секој студент, без разлика дали се работи за работа или, пак, за студии. Голем број адвокатски канцеларии низ светот го сметаат учеството на овој натпревар како услов за доделување пракса или, пак, вработување. Голем дел од студентите кои биле дел од тимот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” веќе работат во успешни адвокатски канцеларии во земјава или, пак, во други области од правото. Од друга страна, на оние студенти што решиле своето образование да го продолжат во странство учеството на натпреварот им користи како одлична референца. Досега, покрај моето идно студирање во Хамбург, поранешни студенти го продолжиле своето образование на Универзитетот во Осло и Универзитетот во Стокхолм, како најзвучни универзитети, меѓу останатите“, вели м-р Љубен Коцев.

М.В