/ Прочитано:

2.346

Училишните кујни се должни да работат според Правилник за стандардите за исхрана и за оброците

„Стандардите треба да придонесат за редуцирање на лошите навики по здравјето на учениците поради неправилната исхрана и појава на прекумерна телесна тежина“, стои во членот 3 од овој правилник. За негова имплементација и за контрола задолжено е Координативно тело формирано од страна на Владата, а составено од претставници на министерствата за образование, за здравство и за труд и социјална политика, како и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и на Институтот за јавно здравје. Правилникот е доставен до сите основни училишта, со обврска при подготовката на менијата, односно при подготовката на листите за оброк и ужина, да се придржуваат до одредбите.

Градинка ручек

„Ја отпишав ќерка ми од целодневен престој во училиштето бидејќи не бев задоволна од исхраната што ја добива. Појадокот им се состои од парче леб намачкано со некаков намаз, понекогаш дури и со паштета, за ручек имаат леќа, грав или шпагети. Овошје и месо добиваат ретко.“ Овој е заеднички став на дел од родителите, според кои јадењето што го добиваат нивните деца во основните училишта и во градинките не ги задоволува нормите на здравата храна. Според нив, проблем е и едноличната исхрана, поради што децата одбиваат да јадат и остануваат гладни.

Надлежните институции не ги прифаќаат ваквите забелешки, сметајќи ги за неосновани и посочуваат дека зад нив стојат само дел од родителите. Менијата се, како што тврдат, совршено балансирани и приспособени за раст и развој на децата.

„Заедно со учениците се храни и наставниот кадар, а меѓу нив секогаш има одговорен наставник кој веднаш реагира доколку забележи одредена недоследност“, вели Наде Молеровиќ, директор на ОУ „Гоце Делчев“.

Според неа, особено се внимава и на забелешките на родителите во однос на храната или пак на начинот на кој таа се сервира и начинот на кој се чува. Фирмите што ги приготвуваат оброците се избираат на тендер. Конечната одлука ја носи посебна комисија, која се води според неколку критериуми: колку години фирмата се занимава со дејноста, дали постојат забелешки за нејзината работа, дали во минатото имало случај на несакано труење… Меѓу факторите е секако и цената, но директорите на училиштата не се согласуваат со саркастичните критики  на родителите дека токму овој критериум е одлучувачки.

На иста линија со надлежните во училиштата е и Министерството за образование и наука. Оттаму информираат дека училишните кујни се должни да работат според Правилник за стандардите за исхрана и за оброците. „Стандардите треба да придонесат за редуцирање на лошите навики по здравјето на учениците поради неправилната исхрана и појава на прекумерна телесна тежина“, стои во членот 3 од овој правилник. За негова имплементација и за контрола задолжено е Координативно тело формирано од страна на Владата, а составено од претставници на министерствата за образование, за здравство и за труд и социјална политика, како и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и на Институтот за јавно здравје. Правилникот е доставен до сите основни училишта, со обврска при подготовката на менијата, односно при подготовката на листите за оброк и ужина, да се придржуваат до одредбите. Зголемено е присуството на свежо овошје и зеленчук и се прави замена на сите состојки кои во себе содржат различни емулгатори кои негативно се рефлектираат врз имунолошкиот систем и врз здравјето на децата. Во листата на продукти кои треба да се избегнуваат или кои треба да се консумираат ретко, до двапати месечно, наброени се следните: пекарски и слаткарски производи, индустриски десерти, газирани или негазирани слатки пијалаци, храна со големо количество на масти, месни преработки, инстант-супи… Доколку се регистрираат отстапки при повремените ненадејни инспекции на училишните кујни, Координативното тело доставува препораки. Секако, ова се однесува и на хигиената, на начинот на чување на храната и на контролата – да не се послужуваат  продукти чии рок  е истечен. Според МОН, не се предвидени казни. Во досегашното искуство, како што тврдат, не се соочиле со случај на радикално отстапување од стандардите и нормативите.

Нормативи и стандарди во однос на исхраната се предвидени и за детските градинки. Тие претставуваат  основа за изработка на месечна листа на планирани оброци, и тоа посебно за деца до 2 години и за деца од 2 години до тргнување во училиште.

„Оброците и ужините мора да содржат овошје, свеж зеленчук и месо“, вели нутриционистот Ѓорѓи Симовски, вработен во Министерството за труд и социјална политика.

Тој ги изработува месечните листи на планираните оброци, кои потоа се доставуваат до сите градинки во државата.

„Сите оброци мора да содржат месо, освен еден ден кога се послужува грав. Салата е задолжителна. Ужината е на база на овошје или печива. Интенцијата е печивата да се подготвуваат во кујните на градинките, па така, на пример, на децата им се послужуваат бомбици од пченица, пита од тиква, овошен јогурт. Чоколадите, кроасаните и тортичките не се на листата на пожелни производи“, вели Симовски.

Според него, здравата и балансирана исхрана ја гарантираат и низа други правила. Во изминатите неколку години маргаринот е заменет со путер, еурокремот е исфрлен од употреба, нема сувомеснати производи, а единствената паштета што се послужува е онаа од туна, и тоа приготвена во кујната на градинката. Исто така, од употреба се исфрлени синтетичките зачини, кои се заменети со природни, како на пример: морков, магдонос, целер. Во оброците, тврди Симовски, исклучиво се става сол, а не зачини кои имаат конзерванси. Зачинувањето на салатите е со  јаболков оцет или со лимон, а не со алкохолен оцет. Амбициите се во иднина маслото од сончоглед  да се замени со масло од маслинки или од сусам. Еден од аспектите е и обуката на вработените во кујна. Тие мора да се  придржуваат кон насоките дадени во однос на тоа како се обработува и како се подготвува храната. Така, на пример, зеленчукот се измива под силен млаз вода, се кисне, а потоа се обработува со специјални ножеви. Според Симовски, обично се обезбедува свежо месо, освен кога станува збор за пилешко или риба, кои се замрзнати. Месото не смее да се одмрзнува во вода, туку на собна температура или да се остави неколку часа во фрижидер. Препораки има во однос на конзервите со грашок или боранија. Водата од нив не треба да се фрла бидејќи таму се содржани  сите хранливи материи.

Забелешките на дел од родителите, дека во пракса многу од нормативите не се реализираат, во Министерството за труд и социјална политика ги оценуваат како неосновани.

„Сите градинки до нас ги доставуваат требувањата кои содржат податоци за бројот на децата и за количеството на прехранбени артикли. На овој начин лесно може да се провери дали, на пример, се купува соодветното количество месо, или пак тоа е помало“, вели  Симовски.  

Квалитетот на исхраната се проверува и со инспекциски надзор, кој може да биде редовен и вонреден. Предвидени се прекршочни и казнени одредби доколку не се применуваат одредбите во однос на стандардите и нормативите. Според  Јорданка Николовска, инспектор за заштита на децата, доколку недоследноста се регистрира првпат, законот предвидува издавање решение за нејзино отстранување. Во одредени случаи, доколку станува збор за несоодветно чување на прехранбени артикли, тоа треба да се реализира веднаш. Реакцијата може  да биде и во однос на тоа дека, на пример, на децата, спротивно на насоките, им се даваат индустриски десерти (кроасани, тортички и сл.). Потоа, инспектори повторно доаѓаат за да извршат контрола. Ако недоследноста сè уште не е отстранета се поднесува прекршочна пријава и глоба. Паричната казна за установата изнесува  1000 евра, а за директорот таа е 35 % од овој износ. Ваква казна досега не е изречена. Според Инспекторатот за заштита на децата, проблемите во изминатиот период се надминувале  со укажувања и со препораки.

А. Б.