/ Прочитано:

1.999

Угостителите предлагаат измени на законите за туристичка и угостителска дејност за елиминирање на сивата економија

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија ќе поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност и Законот за угостителската дејност со цел намалување на нелојалната конкуренција и елиминирање на сивата економија, како и за подигнување на квалитетот на услугите во туристичкиот сектор.

„Одлуката следува по одржувањето на Тркалезната маса на почетокот на декември 2017 година, во организација на Здружението, на којашто, покрај членките, учествуваа и претставници од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на РМ задолжен за економските ресори, претставници на Министерството за економија, на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на Министерството за труд и социјална политика, на Управата за јавни приходи, на Државниот пазарен инспекторат, како и претставници на туристичките инспекции на Град Скопје и на Град Охрид“, информираше на денешната прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска, од Стопанската комора на Македонија.

На дебатата на Тркалезната маса беше констатирано дека има потреба да се иницираат измени и дополнувања во законите за туристичката дејност и за угостителската дејност, со конкретни предлози како да се надминат одредени проблеми.

Во делот на туризмот, Здружението на угостителството и туризмот, како што информираше Славе Сирачевски, заменик-претседател, ќе предложи:

– воведување на релиценцирање, односно обновување на лиценцата за работа по одреден период од две или три години, за да се обезбеди систем на самоконтрола на пазарот;
– промена на моделот на туристичките агенции со А- и Б-лиценца во агенции кои ќе работат организација на патување – туроператорство и продажни агенти или туристички агенции кои само ќе ги продаваат аранжманите изработени од туроператорите, односно организаторите на патувањето. Ваквиот концепт на работа постои во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија. Ова се бара бидејќи сега некои од туристичките агенции со Б-лиценца организираат патувања и вршат активности за кои овластување имаат само туристичките агенции со А-лиценца, што создава нелојална конкуренција;
– гаранција за работата на туристичките агенции да биде само банкарска гаранција, односно да не постои осигурителна полиса;
– да се воведе осигурување на аранжманите за да се обезбеди уште поголема самоконтрола на работата на туристичките агенции. Во светот и пред сè во Европа туристичката дејност е регулирана со овој вид осигурување;
– додефинирање на основната дејност на туристичките агенции наспроти дејноста на автопревозниците, што е основа за нелојална конкуренција и за сива економија. Постои неусогласеност на Законот за туристичка дејност и Законот за превоз во патниот сообраќај. Превозниците кои имаат регистрирано основна дејност патнички транспорт имаат можност да работат и како туристичка агенција, со истите вработени, што оневозможува стимулирање нови вработувања;
– измени на општите услови за патување, следејќи ги меѓународните прописи и стандарди кои во согласност со трендовите претрпуваат измени и веќе во голема мера се некомпатибилни со условите за патување поставени во Законот за туристичка дејност.

„Здружението иницира измена и на процесот на исплата на субвенциите бидејќи постапката е сложена и обемна, со многу непотребни детали, поради што доаѓа до доцнење во исплата на субвенциите“, посочи Асим Меџедовиќ, член на Здружението на угостителството и туризмот при Комората.

Предлог е доказ да биде самата фактура за платено хотелско сместување, со тоа што на фактурата да стои дека во цената е платена туристичката такса. Ваквото барање се објаснува со фактот дека процедурата дефинирана во Правилникот сега им го отежнува работењето и многу често поради системот на евиденција кои хотели платиле туристичка такса, се доведуваат во ситуација дури и да не ги почитуваат роковите и постои ризик да се изгубат субвенциите.

Се предлага услов за исполнување за добивање субвенции наместо извод за девизен прилив да биде известувањето за добиен девизен прилив. Ова пред сè е поради фактот што девизниот прилив стигнува многу доцна, по повеќе од 15 дена и во изводот не стои од кого е приливот. Од друга страна, пак, известувањето стигнува веднаш штом ќе се уплатат парите и на него стои од кого е девизниот прилив. Роковите за исправка на поднесок да бидат подолги од сегашните 5 дена, односно да се дефинираат на 15 дена.

„Веќе постои иницијатива од странските туроператори, кои предлагаат да се примени моделот на субвенционирање на Турција каде што поддршката е по реализиран авионски чартер, за што не е потребна обемна дополнителна документација. Се разбира, ваквиот модел треба да биде моделиран според македонските услови“, посочи Меџедовиќ.

Измени и дополнувања се предлагаат и во делот на дефинирање на работата на туристичките водичи, за што претседателот на Здружението на туристички водичи и член на Здружението при Комората, Бранко Босилков, информираше дека треба да се решат три клучни работи:

– статусот за здравствено и пензиско осигурување на водичите, дефинирајќи ја професијата како општествено полезна дејност;
– заштита на дејноста преку осовременување на инспекциските служби во туризмот и
– лиценцирање на туристичките водичи.

Во делот на угостителството, Здружението предлага:

– да се направи категоризација на сите угостителски објекти за сместување без исклучок, во согласност со дефинирањето на поимот угостителски објекти за сместување и според условите и стандардите пропишани за одделни видови на овие објекти во поглед на уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите со ѕвездички. Тоа подразбира дека освен сегашната категоризација за хотели, мотели и пансиони, од исклучителна важност е да се категоризираат туристичките апартмани,  планинарски и ловни домови. Најголемиот проблем во моментов е непостоењето категоризација на апартманите;
– измена на моделот на категоризација во целост;
– категоризација на сите угостителски објекти за исхрана. Во Македонија постои регистар на категоризирани ресторани (во согласност со кој има регистрирани 88 национални ресторани), но нема регистар на гостилници, ресторани за самопослужување, експрес ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторани бавчи, летни бавчи, ќебапчилници, бистроа, пицерии, објекти за брза храна и слично. Според податоците што се добиваат од интернет-порталите кои рекламираат угостителски објекти, во Македонија има евидентирани 1.378 правни субјекти под поимот ресторани, 112 субјекти се кетеринг, 90 субјекти работат како лаунџ-барови, 910 субјекти како кафе-клубови.

-Здружението на угостителството и туризмот смета дека во следниот период особено внимание треба да се посвети на поголема и поактивна соработка со инспекциските служби, пред сè со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Локалната туристичка инспекција на Град Скопје и на Охрид и со Инспекцискиот совет во целост. Најголемиот проблем со кој се соочуваат туристичките и угостителските субјекти се продажбата на аранжмани преку системите „Букинг“ и „Ербиенби“, од аспект на заштита на нелојалната конкуренција и елиминирање на сивата економија, констатира Даниела Михајловска-Василевска.

Членките на Здружението на угостителството и туризмот се залагаат за поголема поддршка на угостителството во согласност со препораките во финалната верзија на Стратегијата за туризам и сметаат дека таа е оправдана во согласност со искуството од минатиот период и постојниот модел на субвенционирање на странски туристи.

Во делот на Законот кој ја регулира работата на угостителските објекти во руралните средини, ставот е дека е потребно да се направи релаксирање на условите за работа на овие објекти од повеќе аспекти, меѓу кои и дефинирање работно време кое ќе се разликува од тоа во градските средини, поради природата на околностите во кои функционираат угостителските објекти, а се иницира и формирање клубови од затворен тип по примерот на Законот за угостителска дејност на Хрватска.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари–септември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристи е зголемен за 16,7% а бројот на ноќевањата е зголемен за 12,4%.

Помеѓу 10-те земји од кои најмногу доаѓаат туристи во Македонија традиционално остануваат Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Германија, Бугарија, Полска и Грција. Во согласност со политиката на субвенционирање, од 2010 година заклучно со 2017 година ќе бидат исплатени 11,9 милиони евра.

Статистиката исто така покажува дека нето-стапка на искористеност на собите во хотелите и слични капацитети е околу 35% во 2016 година, 37,18% во 2015 година, додека нето-стапка на искористеност на леглата во хотелите и слични капацитети е 22,01% во 2016 година, односно 22,99% во 2015 година.

М.В