/ Прочитано:

1.314

УЈП и Министерството за финансии најавуваат анализи за законски измени во поглед на ДДВ како дел од даночната реформа

УЈП и Министерството за финансии ќе направат сериозна анализа за измени во поглед на ДДВ од следната година, вели директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, додавајќи дека новата Влада нема направено никаква законска измена во поглед на данокот на додадена вредност (ДДВ) за физички лица и дека нема промена во постапувањето на Управата за јавни приходи (УЈП) по ова прашање.

„Не сите физички лица се обврзници за цели на ДДВ. Напротив, станува збор за многу мал број лица. Платите, независно од висината, не се оданочуваат со ДДВ. Исто така, платите не се земаат предвид при пресметување на вкупниот промет за цели на регистрација на ДДВ-обврзник. Обврската ги опфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испорака на добра и услуги и тоа во континуитет, и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво. Или, на месечно ниво во просек остваруваат повеќе од 83.000 денари, не вклучувајќи ја платата. Независно од остварениот промет, физички лица кои изнајмуваат станови за домување не подлежат на обврската за плаќање на ДДВ. Исто така, определени услуги што се вршат спрема странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ“, вели Лукаревска.

Во согласност со регулативата на ЕУ, вели Лукаревска, не смее да се прави разлика помеѓу физички и правни лица кои вршат промет од иста природа, инаку би се отворил простор за даночно затајување.

Имајќи предвид дека годишниот фискален циклус е веќе започнат, додава Лукаревска,  УЈП и Министерство за финансии ќе направат сериозна анализа за реализација на измените од следната фискална година. Измените можат да бидат дел од даночната реформа и во правец на остварување на барањата и интересите на граѓаните.

Анализи за зголемување на прагот на оданочување за физичките лица, најавуваат и од Министерството за финансии.  Го слушнавме мислењето на јавноста, велат од Министерството,  и  сметаме дека мора да се направат анализи.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, исто така смета дека границата за станување ДДВ-обврзник на физички лица, која е детерминирана на еден милион денари, треба да биде повисока. Анѓушев вели дека треба да се размислува во насока да се подобри тој механизам и да не се оштетуваат пониските категории плаќачи.

Промени на границата за станување ДДВ-обврзник предлага и експертската јавност. Универзитетскиот професор Никола Поповски вели дека границата треба да се врати на два милиони денари, а професорот Борче Давитковски, пак, нагласува дека првично мора да се разграничи што е тоа стопанска дејност, па потоа да се бараат такви обврски од даночните обврзници. Во такви услови, потенцира Давитковски, постои неправедност на даночниот систем и нема правна сигурност.

Законската дефиниција на самостојна стопанска дејност на физички лица за цели на ДДВ е нејасна, сметаат и од Институтот за економски истражувања и анализи „Фајнанс тинк“, од каде што образложуваат дека ниту Законот за ДДВ ниту кој било друг закон не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица.

„За некои дејности е многу јасно затоа што нив ги регулира Законот за трговска дејност, најчесто како трговец поединец. За низа други дејности не може да се каже дека се стопански дејности (на пример, научна или уметничка дејност), освен ако законодавецот не одлучи експлицитно да ги наведе како самостојна стопанска дејност на физички лица во Законот, или во подзаконски акт. Подзаконскиот акт ќе треба да го регулира правото на одбивка на влезниот ДДВ. До регулирањето на сите отворени прашања, спроведувањето на Законот за ДДВ и внесувањето на физичките лица во системот на ДДВ е неможно, подложно на арбитрарно толкување од даночните инспектори, со што ќе се еродира правната сигурност кај даночните обврзници, ќе се генерира незадоволство и можност за зголемена даночна евазија“, посочуваат експертите од  „Фајнанс тинк“.

Основата за оданочување со ДДВ кај физичките лица не може да се утврдува од даночната пријава за ПДД, а авторските договори не може да подлежат на ДДВ по дефиниција, коментираат од повеќето граѓански организации кои во своето работење се посветени на проблематиката на даноците.

„Примената на ДДВ за физички лица во услови на неусогласени правни решенија во голем број закони ќе доведе до компромитација на системот на ДДВ и на владеење на правото, правната сигурност и правичноста. Неусогласеноста и нејасноста на одредбата од Законот за ДДВ што се однесува на физичките лица со бројни закони кои се усвоени во меѓувреме, вклучително и Законот за работни односи и Законот за трговски друштва, ќе предизвика нејасности и арбитрарност во нивната примена“, посочуваат граѓанските организации кои дадоа и конкретни предлози за подобрување на регулативата.

Инаку, според податоците, бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ во 2015 година бил 761, во 2016 – 1.059, во 2017 година – 1.185. Според првичните информации на УЈП, бројката за оваа година нема драстично да се разликува од претходната година.

М.В