/ Прочитано:

839

УЈП: Известување за обврзниците на данокoт на добивка

„Доброволното плаќање на даноците, изразено како подготвеност на даночните обврзници за законско, правилно и навремено исполнување на даночните обврски, ефикасноста, ефективноста и намалувањето на административниот товар, изразени како самооданочување без спроведување на даночна постапка, како и меѓусебната доверба меѓу Управата за јавни приходи и даночните обврзници изразена како транспарентност во меѓусебните очекувања и преземање одговорност за ризиците, се темелни принципи при прибирањето на даночните приходи.

Во духот на овие принципи, ги повикуваме даночните обврзници кои се уредно опоменати, а сè уште не го платиле својот долг, истиот да го платат пред започнување на активностите на Управата за јавни приходи за присилна наплата.

Управата за јавни приходи почнувајќи од следната седмица ќе започне со доставување на решенија за присилна наплата до носителите на платен промет, со цел наплата на неплатените долгови за данок на добивка за кои даночните обврзници беа уредно опоменати.
Спроведувајќи ги своите законски надлежности согласно Законот за Управата за јавни приходи и Законот за даночна постапка, на крајот на месец септември и почетокот на месец октомври Управата за јавни приходи достави опомени за плаќање на данок за доспеан неплатен долг за данок на добивка по Даночен биланс за оданочување на добивката “ДБ” за 2019 година, Даночен биланс на вкупен приход “ДБ-ВП” за 2019 година и месечни аконтации на данокот на добивка за 2020 година.

Согласно законските одредби, Управата за јавни приходи може да започне присилна наплата на доспеан неплатен долг ако од повикувањето за плаќање (опомена) поминала најмалку една седмица.
Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должникот во присилната наплата произведува правно дејство од денот на доставувањето кај носителот на платниот промет.

За сите можности за плаќање на долгот предвидени со Законот за даночна постапка (плаќање од страна на трето лице, одложено плаќање, пребивање) може да побарате информации во надлежната Регионална дирекција / Дирекцијата за големи даночни обврзници“, соопшуваат од УЈП.