/ Прочитано:

2.328

УЈП најави реформи во повеќе сектори

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција посочи дека првите активности ќе бидат насочени кон поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок на доход, односно издавање претпополнета годишна даночна пријава по електронски пат.

Управата за јавни приходи најави голема даночна реформа во повеќе сектори, а како што денеска на прес-конференција посочи директорката Сања Лукаревска, првите активности ќе бидат насочени кон поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок на доход, односно издавање претпополнета годишна даночна пријава по електронски пат. 

Овој процес ќе се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се врши изготвување и поднесување електронска пресметка од фирмите исплатувачи, за исплата на приходите и за пресметка на ПДД што се плаќа по одбивка, изготвување и поднесување електронска пресметка за остварен приход и за пресметка на аконтација ПДД. Исто така, во првата фаза ќе се врши и издавање и доставување електронски налог од УЈП до носителите на платен промет за едновремена и неделна исплата на приходот на физичкото лице и уплата на ПДД по одбивка. Ова е можност граѓанинот во текот на целата година да има увид во своите приходи за кои е платен ПДД по одбивка од страна на фирмите. Во оваа фаза ќе има и поедноставување на барањата за користење на даночните олеснувања и ослободувања според договорите за одбегнување на двојното оданочување за приходи кои се остварени во странство.

Втората фаза ќе опфати издавање пополнета ГДП од УЈП за остварените приходи, пресметаниот и платениот ПДД за граѓаните и можност граѓанинот да добие пополнета ГДП изготвена од страна на УЈП и неа да ја потврди.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на прес-конференцијата истакна дека реформите во даночниот систем се неопходни за приближување до најдобрите практики, но и за исполнување на долгогодишните барања на сметководителите и обврзниците.

Ивана Дончевска од УЈП оцени дека станува збор за голема даночна реформа и дека во овој момент се работи на законската регулатива во соработка со Министерството за финансии и на подготовка на подзаконски акти, а понатаму од август 2017 година ќе бидат вклучени и заинтересирани фокус-групи кои ќе учествуваат во тестирање на системот.

Проектот за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок е финансиран од ЕУ ИПА-фондовите во вредност од 93.730 евра и од Буџетот на РМ во вредност од 574.800 евра.

А. Б.