/ Прочитано:

3.116

УЈП: Насоки за задршки од плата во МПИН-пресметка

При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот. Работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата само во законски определените случаи.

УЈП лого

Во насока на обезбедување на правата на работниците во согласност со одредбите од Законот за работни односи, Управата за јавни приходи ја зајакнува контролата на нето-платата за исплата на работникот (ефективно нето) во МПИН-пресметките.

Имено, работникот има право на заработувачка – плата во парична форма, во согласност со закон, колективен договор и договорот за вработување.

При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот. Работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата само во законски определените случаи.

Со Законот за извршување е уредено дека извршувањето кое може да се спроведе врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата, за побарување врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе до износот од една половина, а за побарувања по друга основа – до износот од една третина на платата или пензијата.

Врз основа на наведеното, во МПИН-пресметките е воведена нова контролна мерка за ефективната нето-плата за исплата по вработен.

Доколку работодавачот за одреден вработен внесе нето-плата за исплата помала во однос на законски предвидените ограничувања, се генерира предупредување (917) – Ефективната нето-плата е помала од нето-основицата.

За да се коригира ова предупредување, потребно е обврзниците да ја усогласат пресметката на нето-платата во согласност со законските одредби.

Управата за јавни приходи ги информира работодавачите дека непочитувањето на законски пропишаниот максимален износ за задршка од плата се третира како ризик и ризичните работодавачи ќе бидат контролирани во согласност со законите.