/ Прочитано:

1.347

УЈП организираше семинар на тема „Со рано идентификување и брзо реагирање кон долгот, до поефикасна наплата“

Управата за јавни приходи организираше семинар на тема „Со рано идентификување и брзо реагирање кон долгот, до поефикасна наплата“, чија цел е унапредување на практичните вештини и знаења на 100 даночни службеници кои вршат наплата и управување со долгови, но и тимски активности, развивање на работна култура која ја негува соработката, заедничкото размислување и размена на идеи за подобрување на ефикасноста и продуктивноста, поддршка и мотивација за поставување и примена на заеднички, единствени и подобрени цели, вредности, стратегии и практики, во функција за управување на долгови на УЈП.

„УЈП е исправена пред предизвикот да ја зголеми ефикасноста на постапките за наплата на даночните долгови и да ја намали стапката на неплатени даночни обврски, мерена преку соодносот со наплатените даночни приходи. На ова поле УЈП работи во повеќе насоки за зајакнување на својот институционален капацитет, почнувајќи со воведување на функцијата управување со долгови, подобрување на законската рамка за наплата на даночните долгови, како и зајакнување на капацитетот на човечките ресурси кои работат во оваа функција, за што еден од инструментите е дводневниот семинар“, беше истакнато на семинарот.

Семинарот го отвори директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која потенцираше дека „Секоја функција во Управата за јавни приходи е подеднакво важна, и потфрлање на која било функција го нарушува работењето на другите. Затоа на секоја функција ѝ се посветува максимално внимание. Како и кај останатите даночни администрации, така и за УЈП, основна цел е да се наплатат даноците, со што ќе се овозможи и ќе се гарантира довербата во даночниот систем. Токму во овој сегмент наидуваме на разни препреки од најразлични причини, некои даночни обврзници не ги исполнуваат даночните обврски поради незнаење, некои од негрижа, а некои од несакање. За секој предмет мора да има решение во согласност со законот, со секој даночен обврзник може да седнеме, да разговараме и да помогнеме во надминување на проблемот, посочувајќи му ги утврдените можности за намирување на долгот. УЈП се стреми кон целосно и паметно искористување на постојните мерки на присилно извршување, како и евентуално изнаоѓање на нови мерки преку законски измени, користење на добрите практики од други земји и нивно имплементирање сè со цел постигнување на ефикасна наплата, што подразбира и намалување на долговите. Партнерскиот однос и соработката се неопходни за постигнување на резултати, очекувањата од нас се преголеми. Тоа ќе ни го наметнат и новите трендови во регионот, каде што нашата даночна управа високо котира…“

Семинарот им овозможи на даночните службеници пристап до информации и знаења битни за нивната работа преку презентациите на колегите од Бирото на проценувачи на РМ за меѓународните стандарди за процена, методологиите за процена на вредноста на недвижен имот, машини, опрема и транспортни средства, начелата и пристапите на процена.

Исто така, претставници од Комората на извршители на РМ имаа презентација поврзана со постапката за извршување од подвижни предмети и недвижности, во согласност со Законот за извршување, а гостите од Македонската банкарска асоцијација ги пренесоа искуствата за управување со ризици, мониторинг во тек на плаќање, рани мерки за наплата и наплата на ризични пласмани.

Даночните должници по дефиниција се ризични даночни обврзници, за кои УЈП мора да има соодветен пристап во комуникацијата, со соодветни стратегии за справување, употреба на вештини за ефективна комуникација и сл., беше посочено во презентацијата на проф. д-р Диана Белевска, декан на Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович-Державин“.

М.В