/ Прочитано:

3.737

УЈП отвори дополнителни шалтери за поднесување на годишна даночна пријава во Скопје

Со цел избегнување на метежите во последните денови пред крајниот рок, од 1 март, УЈП отвори дополнителни шалтери за поднесување на годишна даночна пријава, лоцирани на приземјето на Дирекцијата за големи даночни обврзници (зграда на ССМ). На овој начин, граѓаните од Скопје, но и сите оние што се од друг град, а кои привремено работат или живеат во Скопје, можат даночната пријава да ја поднесат на три локации, вклучувајќи ја Регионалната дирекција Скопје и даночниот шалтер Чаир. Исто така, пријавите може да се поднесуваат и преку мобилните даночни шалтери на УЈП.

Управата за јавни приходи отвори дополнителни шалтери за поднесување на годишна даночна пријава во Скопје, со цел да се запази последниот рок за оваа даночна обврска на граѓаните, а притоа да не се создадат турканици на шалтерите.

„Со цел избегнување на метежите во последните денови пред крајниот рок, од 1 март, УЈП отвори дополнителни шалтери за поднесување на годишна даночна пријава, лоцирани на приземјето на Дирекцијата за големи даночни обврзници (зграда на ССМ). На овој начин, граѓаните од Скопје, но и сите оние што се од друг град, а кои привремено работат или живеат во Скопје, можат даночната пријава да ја поднесат на три локации, вклучувајќи ја Регионалната дирекција Скопје и даночниот шалтер Чаир. Исто така, пријавите може да се поднесуваат и преку мобилните даночни шалтери на УЈП (види возен ред http://www.ujp.gov.mk/mk/otvoreni_povici/pogledni/316)“, информираат од УЈП.

УЈП потсетува дека пополнетата годишна даночна пријава граѓаните може да ја поднесат во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта. За точна адреса и локација на даночните канцеларии, дополнителни информации може да се добијат на следнава интернет адреса: http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt

Во овој период, како што соопштуваат од УЈП, до нив пристигнуваат и голем број барања за консултации во врска со пополнувањето на даночната пријава, па поради тоа издвојуваат дел од најчесто поставуваните прашања:

„Јас сум пензионер, а имам остварено и други приходи (дивиденда, приходи од кирија и др.). Дали имам обврска во годишната даночна пријава да ја прикажам и пензијата, покрај другите приходи?“

Одговорот на ова прашање е: „Во годишната даночна пријава покрај остварените други приходи, имате обврска да го прикажете и износот на пензијата.
Податоците за исплатите, односно пресметката на годишната бруто пензија, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да ги обезбедите од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ)“.

Следното најчесто поставувано прашање од страна на граѓани е: „Остварувам приходи со работа преку интернет. Дали треба во годишната даночна пријава да ги пријавам овие приливи на пари?“ на што УЈП одговара дека за приходите остварени со работа преку интернет, граѓаните имаат обврска да поднесат  годишна даночна пријава.

„Користам породилно боледување, а имам и други приходи. Дали треба во годишната даночна пријава да го прикажам и боледувањето, покрај другите приходи?“
Во годишната даночна пријава покрај остварените други приходи, имате обврска да го прикажете и износот на надоместокот на плата за породилно боледување. Податоците за исплатите, односно пресметката на годишно породилно боледување, социјални придонеси и персонален данок, потребно е да ги обезбедите од Фондот за здравствено осигурување на РМ.

„Остварувам родителски додаток за трето дете кој го исплатува Министерството за труд и социјална политика, а остварувам и други приходи. Дали надоместокот треба да го прикажам во годишната даночна пријава?“
Примениот надоместок за трето дете кој го исплатува Министерството за труд и социјална политика, немате обврска да го пријавите во годишната даночна пријава, бидејќи за примањата по основа на помош за социјална заштита не се плаќа персонален данок на доход.

„Дали треба да се пријави во годишната даночна пријава надоместок на штета од сообраќајна несреќа исплатен од осигурителна компанија?“
Добиениот надоместок на штета од сообраќајна несреќа исплатен од страна на осигурителна компанија не подлежи на оданочување со персоналниот данок на доход и него не треба да го пријавите во годишната даночна пријава.

„Дали добивката од 12.000 денари од наградна игра треба да ја пријавам во годишната даночна пријава?“

Секоја добивка остварена од општите игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари, имате обврска да ја пријавите во годишната даночна пријава.

„Дали исплатениот надоместок за регрес за годишен одмор треба да го пријавам во годишната даночна пријава?“

Граѓанинот кој во текот на годината остварува само приход од плата не е должен да поднесува годишна даночна пријава. Доколку, пак, покрај приходот од плата сте оствариле и дополнителни примања од работен однос (на пример, регрес за годишен одмор), работодавецот има обврска да пресмета и плати персонален данок на доход, да ви издаде примерок од пресметката, а вие имате обврска да го пријавите во годишната даночна пријава.

„Во текот на 2016 година, издавав стан под кирија. Приходите ги пријавив во УЈП, поднесов аконтативна даночна пријава и го платив персоналниот данок. Дали треба да поднесам годишна даночна пријава и дали тоа значи дека УЈП повторно ќе ми пресмета данок?“

Како лице што остварува приходи од кирија и за остварениот приход сте поднеле аконтативна пријава ПДД-АДП/ПИ и сте го платиле персоналниот данок на доход, имате обврска да ги пријавите и во годишната даночна пријава. За веќе платениот данок по поднесената аконтативна даночна пријава, УЈП нема повторно да ви утврди обврска за плаќање на персоналниот данок. Не заборавајте, доколку покрај приходот од кирија сте оствариле и други приходи и нив имате обврска да ги прикажете во годишната даночна пријава.

„Фирма во која не сум вработена, ми има платено авионски билет и сместување во хотел, дали тоа ми се смета како приход и дали треба да поднесам годишна даночна пријава?“

Средствата исплатени за авионски билети и сместувања во хотел за лица кои не се вработени во фирмата подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, бидејќи тие се лично примање на физичкото лице. За исплатените приходи, фирмата има обврска да го пресмета и плати персоналниот данок на доход, да ви издаде примерок од пресметката, а вие како граѓанин имате обврска да ги пријавите во годишната даночна пријава.

„Работам како волонтер и дали исплатите на надоместоците за извршените волонтерски работи е потребно да се пријават во годишната даночна пријава?“
Надоместоците на волонтерите исплатени најмногу во висина до 15% од просечната месечна плата во републиката исплатена за претходната година, во согласност со Законот за волонтерство, не подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход и нив немате обврска да ги пријавите во годишната даночна пријава.

„Во текот на 2016 година бев ангажиран во спроведувањето на изборите за што добив одреден надоместок. Дали треба да го пријавам надоместокот во годишната даночна пријава?“

Примениот надоместок за учество во органите за спроведување на избори е ослободен од оданочување со персоналниот данок на доход и него немате обврска да го пријавите во годишната даночна пријава.

За сите дополнителни информации и помош при пополнувањето на годишната даночна пријава, граѓаните може да се обратат во Инфо центарот 0800 33 000 или да побараат помош од даночните агенти во даночните канцеларии.

А. Б.