УЈП: Уште 15 денови за регистрирање и мигрирање на новиот систем на е-даноци

Вторник, 18 јуни 2013 – Уште 15 денови им преостануваат на вкупно 5.481 фирма да се регистрира и на 12.059 фирми да мигрираат на новиот систем на е-даноци, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП). Постапката за миграција е едноставна и се врши електронски преку веб страницата на УЈП.

На фирмите им преостануваат уште 15 денови да ги преземат неопходните чекори, за да можат од први јули оваа година непречено да пријавуваат данок преку интернет сервисот на УЈП. Од први јули, со стапувањето на сила на задолжително електронско пријавување на ДДВ и данок на добивка за ДДВ обврзниците, на шалтерите во УЈП повеќе нема да се примаат ДДВ-пријави и Даночни биланси за данок на добивка во хартиена форма.

Доколку фирмите не се прилагодат на новините во даночното работење, истите нема да можат навреме да ја поднесат ДДВ-пријавата во УЈП, за што е предвидена глоба која достигнува до 3.500 евра во денарска противвредност.

Вкупно 12.059 правни лица и самостојни вршители на дејност кои моментално се корисници на стариот систем на е-даноци, задолжително ќе треба да мигрираат на новиот систем на електронски услуги на УЈП, во спротивно од први јули нема да можат да ги користат е-даночните услуги.

Постапката за миграција е едноставна и се врши електронски преку веб страницата на УЈП.  По први јули, стариот систем на е-даноци ќе биде ставен надвор од функција, а електронските услуги на УЈП ќе бидат достапни само преку новиот и надграден систем на е-даноци.