/ Прочитано:

2.088

УЈП: Вработени во Управата за јавни приходи „амнестирале“ даночни обврзници од плаќање на данок

Вработени во УЈП „амнестирале“ даночни обврзници од плаќање на данок, беше истакнато на денешната прес-конференција во Управата за јавни приходи. За овие лица, истакна директорката на УЈП, Сања Лукаревска, се води дисциплинска постапка, но истрагата и понатаму ќе се проширува.

Меѓу инволвираните, додаде Лукаревска, се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на системот. Меѓу компаниите има и приватни и државни фирми и поголем дел од нив се познати во јавноста, а се дел од листата на должници што ја објавува Управата за јавни приходи.

Според податоците на кои посочи Лукаревска, триесет и седум компании од Скопје, потпомогнати од вработени во УЈП, во текот на 2015 и 2016 година успеале да избегнуваат наплата на милионски долгови за данок на добивка. 37- те фирми биле ставени во привилегирана позиција на начин што во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка била овозможена посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови по основ на данок на добивка, која овозможувала подолг период, односно околу две години даночните обврзници да бидат изземени од постапки за присилно наплатување на евидентирани милионски долгови.

„По основ на добиени информации и одредени сознанија за постоење на незаконски дејствија и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постапки на присилна наплата, односно овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добивка, што е услов за отпочнување постапки за присилна наплата. И покрај тоа што службите на УЈП имале обврска да го мониторираат целокупниот процес и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени во согласност со евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за отпочнување даночни постапки, тоа не било сторено токму за овие 37 фирми, цели две години“, нагласи Лукаревска.

„Никој нема да биде привилегиран надвор од законот, ниту даночните обврзници, ниту бизнисите, ниту сметководителите, ниту граѓаните, а најмалку вработени во УЈП. Злоупотреба на положбата на даночниот службеник за остварување на каква било корист за друго службено лице или за друго правно или физичко лице нема да се толерира и за сите инволвирани ќе бидат покренати постапки“,додаде директорката на УЈП.

М.В