УЈП за поднесувањето обрасци и измените на Законот за добивка
Даночен биланс на вкупен приход за 2020 година (образец „ДБ-ВП”)
- Трговските друштва класифицирани како мали и микротрговци и правните лица резиденти на Република Северна Македонија кои водат сметководство и подготвуваат годишни сметки согласно со Законот за трговските друштва, се ослободени од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход под услов вкупниот приход остварен во 2020 година од кој било извор да не го надминува износот од 5.000.000 денари на годишно ниво и притоа имаат обврска да поднесат Даночен биланс на вкупен приход ( образец „ДБ-ВП”) до Управата за јавни приходи.
- Трговските друштва класифицирани како мали и микротрговци и правните лица резиденти на Република Северна Македонија кои водат сметководство и подготвуваат годишни сметки согласно со Законот за трговските друштва, кои ќе се определат да пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход за 2020 година а кои ги исполнуваат условите:
1) да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри и 2) вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот од кој било извор да изнесува од 5.000.001 до 10.000.000 денари на годишно ниво, имаат обврска да поднесат Даночен биланс на вкупен приход (образец „ДБ-ВП”) до Управата за јавни приходи.
Рокови и начини на поднесување
Образецот “ДБ-ВП” се доставува најдоцна до 28-ми февруари 2021 година односно најдоцна до 15-ти март 2021 година, доколку даночниот обврзник Годишната сметка до Централниот регистар на РСМ ја доставил во електронска форма, до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk
Барање за пренесување на искажана загуба (образец „ДД-01”)
Даночните обврзниците кои во 2020 и 2021 година ќе остварат загуба искажана во Билансот на успех, истата намалена за непризнаените расходи искажани во даночниот биланс за 2020 и 2021 година може да ја пренесат на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до пет години сметано од годината во која е искажана загубата. Намалувањето во даночниот биланс се врши последователно почнувајќи од износот на најрано настанатите даночни загуби.
Ова право не може да се користи во случај на измена на статусот на даночниот обврзник врз основа на спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација и слично.
За остварување на ова право обврзниците потребно е да поднесат Барање за пренесување на искажана загуба (образец „ДД-01”) до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk, најдоцна до 31 март 2021 година.
Управата за јавни приходи издава одобрение по барањето во рок од 60 дена од денот на поднесување на барањето.
Напомена: Поднесувањето на Даночниот биланс на вкупен приход ( образец „ДБ-ВП”) и на Барањето за пренесување на искажана загуба (образец „ДД-01”) се врши на постоечките обрасци.