/ Прочитано:

4.128

УЈП за спроведените контроли во делот фискализација и регистрирање на готовинските плаќања

Управата за јавни приходи одржа конференција за медиумите „Спроведени контроли во делот на фискализација и регистрирање на готовинските плаќања“,  на која говореше директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„И покрај тоа што контролата на работењето на даночните обврзници во делот фискализација и регистрирање на готовинските плаќања е редовна и тековна активност на УЈП, последните контроли што ги спроведе Управата за јавни приходи потврдуваат дека сè уште постојат даночни обврзници кои се обидуваат да го изиграат законот, со што претставуваат нелојална конкуренција на останатите бизниси“, беше истакнато на конференцијата.

Само во рамките на засилените контроли во делот фискализација и регистрирање на готовинските плаќања, кои беа спроведени од 19 април до 22 мај 2018 година, од контролирани 311 објекти, мобилните екипи на Управата за јавни приходи открија неправилности во работењето кај 108 објекти на целата територија на Македонија. Најголем број 28 неправилности беа констатирани во Скопје, додека со по една неправилност се Делчево и Македонска Каменица.

Во рамките на контролите во делот фискализација и регистрирање на готовинските плаќања, кои беа спроведени од почетокот на 2018 година, од контролирани 3.086 објекти, откриени се неправилности во работењето кај 362 објекти. Најголем број на неправилности се констатирани во 98 објекти во Скопје, додека во Делчево е констатирана неправилност само во еден објект.

Со контролите, образложуваат од УЈП, беа опфатени угостители (хотели, ресторани, сендвичарници, барови, пицерии), автомеханичари вулканизери и продавници за автоделови, салони за убавина, фризери, цвеќари, продавници за облека, манифестации што ги организираат општините.

Неправилности утврдени со контролите во делот фискализација

  • Неиздавање фискални сметки – користење на компјутерски сметки/маркери како замена на фискални сметки;
  • Непоседување на резервен фискален систем на опрема; ‘
  • Непоседување и неевидентирање на податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга;
  • Неусогласен промет, односно разлика на готовински промет во каса и евидентиран промет преку фискален систем на опрема.

Највисокиот износ на разлика во каса од 82.879 денари е констатиран кај даночен обврзник од Охрид, односно евидентираниот промет преку фискален апарат e 53.873 денари, а во каса констатиран промет од 136.752 денари. Врз основа на анализа на податоците од фискалните системи на опрема со вграден ГПРС-уред, кај одредени даночни обврзници констатирани се состојби со голем број на сторни фискални сметки, односно кај некои од овие обврзници е констатирано континуирано дневно сторнирање на фискални сметки кое го надминува бројот од 130 сторнирани сметки дневно, со сторниран вкупен дневен промет кој се движи и до 40.000 денари.

„Апелираме даночните обврзници во целост да се придржуваат до процедурите, водењето на документацијата и начинот на регистрирање на плаќањата во готово бидејќи казните се високи и се движат од 1.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за правните лица и од 500 до 750 евра во денарска противвредност за одговорните лицa“, велат од УЈП. Целосното соопштение на УЈП.

М.В