/ Прочитано:

2.580

Укажувачите на корупција ќе се штитат со закон – предложени нови мерки за борба против корупцијата

 Во Македонија ќе се штитат лицата кои пријавуваат корупција, таканаречени whistle-blowers. Oва го предвидуваат измените на Законот за спречување на корупцијата кој веќе се наоѓа пред пратениците. Минстерството за правда вели дека борба против корупцијата без ваков систем е неможна, додека од Транспаренси Интернешнл-Македонија за Академик велат дека потребата е несомнена, но имаат бројни забелешки и несогласувања со предложените решенија.

Борбата со корупцијата без заштита на „укажувачите“ е неможно да се спроведе

„Укажувач во смисла на овој закон е лице кое врши пријавување на сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши кривично дело против службената должност или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната.

Пријавувањето укажувачот го врши усно или писмено до овластено лице во институцијата, односно правното лице, кое е должно да постапува согласно начелото на доверливост.

Укажувачот не е должен да ја докажува вистинитоста на сомневањето или сознанието кое го пријавил.

На укажувачот му се обезбедува заштита согласно закон и му се гарантира анонимност и доверливост до степен и до момент до кои тој тоа го бара“, се вели во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата со кои, меѓудругото, се дефинира и „укажувачот“ како новина во антикорупциското законодавство.

Според законските новини, Укажувачот ќе може да ја пријави корупцијата внатре во институцијата од јавниот сектор, за која се сомнева дека е дел од незаконити дејствија, а ќе може и директно во Антикорупциската комисија.

„Институционалната борба против корупцијата невозможно е да се спроведува без воведување на систем на интегритет во јавниот и приватниот сектор и воведувањето на системска заштита на лицата кои пријавуваат сомневање или сознание за корупција или друго незаконито и недозволиво постапување – укажувачи (whistleblowers)“, образложуваат во таа насока од Министерството за правда.

ТИ-Македонија: Несомнена потреба, но недоречени и дискутабилни законски предлози

Од Транспаренси Интернешнл – Македонија за Академик велат дека во врска со законскиот предлог имаат забелешки и дека интервенирале со свои забалешки и предлози и во Министерството за правда.

„Транспаренси Интернешнл- Македонија во неколку наврати и укажа на надлежните институции дека постои неопходна потреба од нормативна заштита на пријавувачите на корупција со цел граѓаните да се охрабрат и да придонесат кон осветлување на коруптивни практики, кои треба да бидат забележани и документирани за во иднина да бидат елиминирани“, велат од таму.

Врз основа на анализата на Нацртот на Предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за спречување на корупција од ТИ-Македонија констатира дека постои потреба од отворање на широка јавна дискусија во која сите заинтересирани страни ќе дадат свој придонес во насока изнаоѓање на соодветни законски решенија и детално разработување на системот на пријавување, а особено на заштита на пријавувачите.

 „Мобилизирањето на граѓанскиот и користењето на меѓународните практики и искуства и нивниот придонес во процесот на креирање политики е неопходен предуслов за изготвување на ефикасен и ефективен систем на пријавување. Во Нацртот воочливо е дека ДКСК добива зголемена и ексклузивна надлежност, како единствена институција до која можат да се поднесуваат пријави. Ова од една страна ги отвора прашањата за легитимноста, што со другите институции и органи до кои на однова на други закони граѓаните доставуваат пријави, како што е Народниот правобранител) или како ќе се постапува во случаи на пријава за незаконитости во работењето на ДКСК, прашањето за ресурсите и капацитети со кои располага комисијата и прашањето кое им претходи на сите прашања, довербата на граѓаните во ДКСК.Воедно, нацртот не кажува ништо за околностите во кои whistleblowers оправдано директно би се обратиле во јавноста или би направиле јавно објавување на друг начин, како и надминување на било кои договорни обврски на доверливост кои се утврдени со Препораките на Советот на Европа“, истакнуваат од ТИ-Македонија.

Државна комисија за спречување на корупцијата: Системот на пријавување се воведува за да го поттикне и охрабри пријавувањето

Според Државна комисија за спречување на корупцијата, улогата, функцијата и значењето на воведувањето на системот на пријавување од страна на укажувачот и неговата заштита, од аспект на спречувањето на корупцијата како општествена штетна појава, е од особено значење.

„Со воведување на системска заштита на лицата кои пријавуваат сомневање за корупцијата или друго незаконито и недозволиво постапување – укажувачи (whistleblowers), јакне институционалната борба против корупцијата. Системот на пријавување се воведува за да го поттикне и охрабри пријавувањето, односно воспоставување систем за пријавување на корупција со можност секој поединец или институција во јавниот и приватниот сектор да пријави сомнеж или случај на корупција, кое се овозможува со внатрешни и надворешни механизми на пријавување, согласно меѓународните препораки“, посочуваат од ДКСК.

Според Комисијата, основна цел на предложениот закон е воведување на системска заштита на лицата кои заради заштита на јавниот интерес пријавиле и на тој начин алармирале дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши кривично дело против службената должност или друго незаконито и недозволиво постапување.

Меѓународни документи, обврски  и засилена тенденција на глобално ниво

Намеѓународен план постојат повеќе меѓународни акти кои се основа за ваква законска интервенција во антикорупциското законодавство. Тоа се следните документи: Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против корупцијата, Цивилната конвенција за спречување корупција и Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа, Нацрт-резолуција од 2009 година за заштита на лица кои пријавуваат нерегуларности на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Поконкретно, во членот 33 од Конвенцијата на ООН за борба против корупцијата се истакнува дека: „Секоја Држава Страна предвидува инкорпорирање во нејзиниот внатрешен правен систем соодветни мерки со кои ќе се обезбеди заштита против секое неоправдано постапување со лице кое ги информирало надлежните органи, со најдобра намера и врз основа на разумни сомневања, за секој факт што се однесува на делата утврдени во согласност со оваа Конвенција“.

Според член 132 од оваа конвенција: „Секоја Држава Страна презема соодветни мерки за да обезбеди надлежните органи за превенција на корупцијата споменати во оваа Конвенција да и бидат познати и достапни на јавноста, за да сите сомнителни активности кои можат да се сметаат како конститутивен дел на дело утврдено во согласност со оваа Конвенција можат да им бидат сигнализирани, вклучувајќи ги и анонимните“.

Цивилната конвенција за спречување корупција, на Советот на Европа во членот 9 утврдува дека: „Секоја страна усвојува во своето национално законодавство соодветна заштита од неосновано санкционирање за вработените кои имаат разумна основаност да се сомневаат во корупција и кои во духот на добрата волја ги известуваат за својата загриженост лицата или властите кои се одговорни“.

Следејќи ги тенденциите во глобални рамки, евидентно е дека воведувањето на системот на интегритет како мерка за борба против институционалната корупција е пошироко прифатен во последните години и следствено на тоа фокусот на заложбите во борбата против корупцијата се сврте кон изградба на внатрешна инфраструктура на интегритет во институциите.

Што е систем на интегритет?

Системот на интегритет претставува збир на сите политики, стандарди и процедури воспоставени во една институција кои ја зајакнуваат нејзината отпорност кон корупција и го намалува ризикот од коруптивно однесување. Со други зборови, тој претставува воспоставување на еден функционален систем на работење на организациите и институциите, отстранување на ризичните точки, воспоставување на антикорупциските принципи и процедури на долгорочно одржлива основа.

Интегритетот на институциите е од исклучително значење за спречување на евентуални ризици од коруптивно однесување. Воведувањето на самостојна процена на ризикот и развивање мерки и насоки против корупцијата е прифатено како стандард на Европската унија кој може да се имплементира преку соодветно законско уредување.

Од друга страна, институционалната борба против корупцијата невозможно е да се спроведува без регулирање и заштита на институтот „whistleblower“, како составен дел од системот на интегритет, истакнуваат од Министерството за правда.

„Регулирањето на заштитата на лицата кои пријавуваат нерегуларности е мошне сложено прашање кое бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап. Исто така, во 2013 година одржана е меѓународна конференција на тема „Заштита на пријавителите ( whistleblower-protection) – регулатива, практика и предизвици“, велат од таму.

Имајќи ја во предвид постојната правна рамка, спроведените активности во насока на воведување и примена на систем на интегритет, меѓународните практики, препораките од посебните извештаи, како и детектираните позитивни влијанија и ризици, утврдена е потребата од разработка на конкретен систем за поддршка на пријавувањето преку воведување на нормативни промени.

Од Министерството за правда велат дека за да се обезбеди системска и институционална заштита на укажувачите  донесувањето  на Закон за изменување и дополнување на Закон за спречување на корупцијата е неопходно.

„Со овој закон ќе се воведе систем на интегритет и системска заштита на укажувачите во рамки на системот на интегритет. Ова и од причина што не се инсистира на сеопфатно обединување на заштитата на укажувачите со еден акт. Она што е позначајно е да се воспостави сеопфатна заштита на укажувачите во јавниот и приватниот сектор со јасни но нерестиктивни дефиниции, со цел што е можно поширок опфат на лица кои можат да се пронајдат во дефиницијата на укажувач и што е можно поширок опфат на незаконито и недозволиво постапување да биде предмет на пријавување, кое се заштитува со овозможување на внатрешни и надворешни механизми за пријавување, согласно меѓународните препораки“, посочуваат од Министерството.

Земји во кои постои законски систем на заштита на укажувачите

Постојат земји кои имаат сеопфатни закони за заштита, како што се земјите од системот на common low-Велика Британија, САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Јужна Африка, и некои земји на далечниот исток-Јапонија и Кореја. Повеќето европски земји немаат посебни закони кои го регулираат ова прашање.

И според Извештајот за правната заштита на укажувачите (whistleblowers) од 2013 година, со кој е оценета сеопфатноста на националните правни рамки за заштита на укажувачите во земјите членки на Европската унија согласно петнаесет основни елементи за законодавството за заштита на укажувачите, земји чиишто закони не вклучуваат одредби или вклучуваат значително ограничени одредби и процедури за укажувачи во јавниот и приватниот сектор се: Бугарија, Финска, Грција, Литванија, Португалија, Словачка и Шпанија. Австрија, Белгија, Кипар, Чешка Република, Данска, Естонија, Францијам Германија, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Малта, Холандија, Полска и Шведска се оценети за земји чии што закони вклучуваат делумни одредби и процедури за укажувачите во јавниот и/или приватниот сектор. Земји кои се оценети за напредни во оваа област (чии што закони вклучуваат сеопфатни или речиси сеопфатни одредби и процедури за укажувачи во јавниот и/или приватниот сектор) се: Луксембург, Романија, Словенија и Обединетото Кралство.

Терминот „whistleblower“ како термин кој што е широко прифатен за лице кое пријавува корупција, во нормативно правна смисла воглавно се користи во земјите од англо-саксонското говорно подрачје, додека во словенската група на јазици во Словенија се употребува терминот „жвижгач“, во Хрватска во употреба е терминот „звиждач“, а во Србија законски утврдениот термин е „узбуњивач“.

 „Европски“ приод му кумувал на терминот „укажувач“

Во Република Македонија, како што посочуваат од Министерството за правда, при дефинирањето на терминот „укажувач“ се користеше посеопфатен и поширок „европски“ приод, кој е во согласност со препораките на релевантни меѓународни институции, при што укажувач е не само лице кое пријавува сомневање или сознание за извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши корупција, односно кривично дело против службената должност, туку и друго незаконито и недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбрана. Исто така, законското регулирање покрај укажувањето, опфаќа и механизми за заштитата на лицата кои пријавуваат, како битна антикорупциска мерка.

 


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 03.06.2014