Укинат домашниот притвор за поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Фатмир Лимај
Четврток, 6 јуни 2013 – Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Фатмир Лимај, кој што заедно со уште девет припадници на ОВК е обвинет за воени злосторства, односно за наводно мачење на албански и српски затвореници, денеска е ослободен од домашен притвор.
Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, во денеска соопшти дека „мешан Судски совет на судии од ЕУЛЕКС и Косово, донел одлука за ослободување на десетмината обвинети во случајот Клечка, од домашен притвор“.
„Сепак, од сега па до крајот на главниот претрес, обвинетите ќе мора секојдневно да се пријавуваат во полициска станица. Нивните пасоши им се одземени и тие не можат да го напуштат Косово“, соопшти ЕУЛЕКС. Одлуката на судот следи откако одбраната на обвинетите побарала укинување на мерката домашен притвор, тврдејќи дека нема опасност тие да избегаат од Косово, а обвинителството побарало безбедносните мерки да се продолжат, со образложение дека обвинетите би можеле да избегаат или да влијаат врз сведоците. На Фатмир Лимај, сегашен пратеник на владејачката партија во Косово, и на останатите обвинети, поранешни борци на ОВК, им се суди за воени злосторства, односно за наводно тепање и мачење на албански цивили и српски затвореници во логорот Клечка за време на војната во 1999н година. Според обвинението, тие го нарушиле телесниот интегритет и здравјето на неодреден број српски и албански цивили и српски воени затвореници. Во Клечка наводно биле приведувани и албански цивили осомничени за соработка со српскиот режим, српски цивили и припадници на српската полиција и војска, но според обвинението, објектот служел и како центар за задржување на борците на ОВК кои биле под истрага или биле дисциплински казнети.
На сите обвинети во случајот Клечка им се судеше и минатата година. Тие беа ослободени, но обвинителството успешно ја обжали пресудата и случајот беше испратен на повторно судење.
Во претходниот судски процес, што во 2005 година се одржуваше пред Хашкиот трибунал, Лимај беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, извршени против Срби и Албанци осомничени дека за време на војната на Косово соработувале со Србија. Кога се врати дома, беше пречекан како херој.