/ Прочитано:

719

Укинат доживотниот имунитет на чешките пратеници и уставни судии

Среда, 20 март 2013 – Чешките сенатори денеска ја прифатија уставната измена за укинување на доживотниот имунитет на пратениците и судиите на Уставниот суд, јави дописникот на МИА од Прага.

„За“ измената гласаа 58 членови на Горниот дом на Парламентот, односно повеќе од потребното трипеттинско мнозинство.

Според усвоените амандмани, пратениците и уставните судии имаат имунитет само за време на нивните мандати, со можност во Парламенто да се гласа за укинување на имунитетот на барање на полицијата.

Доколку, пратениците не се согласат, можноста за поведување кривична постапка постои по истекот на мандатот на народниот избраник, што досега не беше возможно.

Актуелните правни прописи уредуваат можност против пратеникот да биде покрената кривична постапка доколку тоа го одобри Долниот дом на Парламентот. Ако тоа не го прифатат пратениците и го отфрлат предлогот за предавање на осомничениот пратеник на Обвинителството, кривичното гонење е запрено засекогаш.

Минатата година, идентичен предлог за ограничување на имунитетот не помина на сенаторската седница, поради отсуство на поголем број сенатори. 

Извор: МИА