Укината Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките
Одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка одржа седница на којашто ги разгледа најновите показатели и оцени за банкарскиот сектор, во контекст на донесената Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука беше донесена во февруари оваа година, во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка. Целта беше да се делува превентивно за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност и продолжени ефекти од кризата oд пандемијата на ковид-19. Како што беше соопштено при носењето на Одлуката, таа предвидува обврска најдоцна до септември 2021 година, Советот на Народната банка повторно да ги оцени околностите со пандемијата поради кои всушност е донесена Одлуката.
Постапувајќи согласно со предвидената обврска во Одлуката, Советот ги разгледа актуелните околности и во глобалното и во домашното окружување, како и показателите за банкарскиот систем за првата половина од оваа година и одлучи да ја укине Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда. Одлуката за укинување стапува во сила на денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“.
Имено, согласно со оцените на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, во глобални рамки економскиот амбиент се подобрува, поддржан од масовната имунизација против ковид-19, што заедно со одржаниот монетарен и фискален стимул за поддршка на економиите, ги намалува ризиците за глобалниот економски раст. Согледувајќи намалени ризици поврзани со пандемијата на ковид-19, Европската централна банка на 23 јули 2021 година донесе одлука за укинување на привремените ограничувања во однос на дивидендите, а заклучно со 30 јуни 2021 година престана и важноста на привремените ограничувања во однос на дивидендите воведени од страна Системот на федерални резерви на САД.
Се очекува дека ваквиот глобален контекст ќе придонесе за закрепнување и на македонската економија. Тоа, од своја страна, поволно ќе влијае врз билансите на домашните банки и одржливоста на нивните капитални позиции. Резултатите од најновиот циклус стрес-тестирање, што неодамна го спроведе Народната банка над домашниот банкарски сектор, покажаа негова солидна отпорност на претпоставените шокови. Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат беше спроведено и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање, коешто го спроведува секоја банка, поединечно. Овие стрес-тестови ги вградуваат индивидуалните карактеристики на секоја банка и нејзините клиенти, што овозможува посеопфатна оценка на ризиците од макро и микропрудентен аспект. Добиените резултати, според двата пристапа на стрес-тестирање, покажаа дека заштитните слоеви на капиталот се соодветни за обезбедување заштита од ризиците и натамошен раст на кредитната поддршка и за граѓаните и за корпоративниот сектор.
Советот детално ги разгледа и првичните показатели за банкарскиот сектор заклучно со крајот на првото полугодие од 2021 година и заклучи дека неговите остварувања од почетокот на годината се поволни, при што кредитната поддршка и натаму расте (со годишна стапка од 5,1%), подобрена е профитабилноста, а капиталната позиција на банкарскиот систем и натаму јакне, што е видливо преку натамошен раст на износот на капитал од близу 5,4 милијарди денари. Ваквите остварувања се одраз на постабилниот амбиент, претпазливото однесување на банките, како и на донесената одлука на Народната банка.
На седницата беше нагласено дека имајќи предвид дека неизвесноста околу пандемијата на ковид-19 сѐ уште постои, банките треба како и досега, и натаму претпазливо да ги планираат своите капитални потреби и да му дадат приоритет на зачувувањето и натамошното јакнење на капиталните позиции, соодветно со преземените ризици во работењето. Народната банка, во рамките на редовниот супервизорски процес, ќе продолжи со редовното следење и оценување на капиталните позиции на банките. Како и досега, на индивидуална основа ќе се оценува потребното ниво на капитал во согласност со утврдениот профил на ризик по одделна банка.
М.В