/ Прочитано:

2.807

Украдени 32 вредни икони од црквата „Св. Петар и Павле“ во Тресонче

Среда, 27 февруари 2013 – Црквата „Свети Петар и Павле” во дебарското село Тресонче синоќа е ограбена од непознати сторители кои успеале да украдат 32 дрвени икони.

Фреска во црката „Св. Петар и Павле“ - с.Тресонче, дебарско

Екипи на СВР Тетово кои извршиле увид на лице место информираат дека во цркавата е влезено откако биле отстранети металните решетки на прозорецот од јужната страна, кој е во близина на олтарот на црквата.

Крадците одзеле 5 големи и 27 помали икони, а неколку икони ги оштетиле. Селото има само еден жител, а кражбата утрово ја пријавил неговиот син откако неговиот татко забележал дека некој провалил во црквата.  Покрај полицијата, во утврдувањето на штетата и другите поединости, ќе учествуваат и претставници од Заводот за заштита на културното и историското наследство.

Според неофицијални информации, дел од иконите биле стари околу 500 години и се дел од македонското културно историско наследство. Кражба на икони и други црковни предмети во оваа црква имаше и минатата есен.

Изминитиов период се случија повеќе кражби на вредни стари икони од црквите ширум земјава. Пред неполн месец непознат сторител ја ограбил црквата „Воведение на Пресвета Богородица Света Пречиста“ во дебарското село Долно Мелничани каде е украдена големата икона на Света Богородица од исконостасот, две целивни икони, како и царевите двери.

Во септември минатата година непознати сторители во текот на ноќта насилно влегле во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар од каде украле вредни икони, пари и други предмети. Два месеци претходна истата година во јули беа украдени 4 икони од 18-от век, од црквата „Свети Архангел Михаил“ во струшкото село Радожда кои датирале од 1780 година.