/ Прочитано:

1.500

Унапредување на дијалогот меѓу Европскиот суд за човекови права и заедницата за медиумска слобода

„За Советот на Европа, унапредувањето на дијалогот меѓу Европскиот суд за човекови права и медиумите има клучно значење, што беше заклучено на конференцијата во организација на Советот на Европа насловена ‘Унапредување на дијалогот меѓу Европскиот суд за човекови права и заедницата за медиумска слобода’“, вели адвокатот Зоран Гавриловски.

Во таа насока, вели Гавриловски, за Советот на Европа од особено значење е членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и неговата корелација со членот 8 од Конвенцијата.

Членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, појаснува адвокатот Гавриловски, се однесува на слободата на изразување. Секој човек, се вели во членот 10, има право на слобода на изразување. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.

Во членот 8, пак, се регулира правото на почитување на приватниот и семејниот живот и се определува дека секој човек има право на почитување на својот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Соодносот на овие два члена, вели Гавриловски, наметнува повеќе дилеми низ практиката, особено во делот на слободата на изразување и правото на почитување на приватниот и семејниот живот.

„Во таа насока, на Конференцијата на која присуствуваше и Насер Селмани од Здружението на новинари беа дискутирани теми за клевета, приватност и заштита на лични податоци; истражувачко новинарство, пристап до информации, заштита на извори на информации и на укажувачи и право на протест и улога на медиумите во текот на протести. Еминентни медиумски и правни експерти од областа на слободата на изразување и пристап до информирање презентираа анализи на развојот на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права според ЕКЧП и конкретни искуства од примената на правните стандарди од оваа област на домашно и меѓународно ниво“, вели Гавриловски.

Конференцијата, посочува адвокатот, претставуваше своевидна платформа на која беше дискутирано за неодамнешни трендови на толкување на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во предмети во кои се вклучени слободата на изразување, медиуми и новинари.

Потребата од баланс помеѓу правото на приватност и заштита на личните податоци и правото на слобода на изразување и информирање беше акцентирана и на тркалезната маса организирана во рамки на проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“.

„Секогаш треба да се има предвид дека мора да постои баланс помеѓу правото на приватност и правото на слобода на говор. Клучно е да постои и баланс меѓу јавниот и приватниот интерес кога станува збор за информации поврзани со носителите на јавни функции или познатите личности. Постои разлика помеѓу она што претставува јавниот интерес и  она што е интересно за јавноста“, беше истакнато на настанот.
М.В