/ Прочитано:

1.798

Унапредувањето на законската рамка за вработување мора да биде приоритет со цел лицата со хендикеп да добијат еднакви можности

Предрасудите за лицата со хендикеп, непостоењето на можности за приспособување на актуелните барања на пазарот на трудот, односно немањето можности за стекнување на одредени вештини кои се бараат на пазарот на трудот во земјава, се главните причини и пречки поради кои лицата со инвалидитет се постојано социјално исклучени. Ова е генералната оцена на првата конференција што ја организираше „Полио плус – движење против хендикеп“, со наслов „Човекови права на лицата со хендикеп и начините за остварување на еднакви можности“.

Лицата со инвалидитет во Македонија години наназад се соочуваат со недостиг од пристап до образование и физички пристап до институциите. Предрасудите за овие лица, непостоењето на можности за приспособување на актуелните барања на пазарот на трудот, односно немањето можности за стекнување на одредени вештини кои се бараат на пазарот на трудот во земјава, се главните причини и пречки поради кои лицата со инвалидитет се постојано социјално исклучени. Ова е генералната оцена на првата конференција што ја организираше „Полио плус – движење против хендикеп“, со наслов „Човекови права на лицата со хендикеп и начините за остварување на еднакви можности“.

На конференцијата официјално се најави и почетокот на имплементацијата на проектот „Пилот-акција за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп“, кој ќе го реализираат партнерските организациите – здружението „ЛИНК Мостар“ од Босна и Херцеговина и „Полио плус“.

Според програмскиот координатор на здружението Елена Кочовска, она што мора да биде приоритет во Македонија за лицата со хендикеп да имаат еднакви можности во општеството, е да се унапреди законската рамка за вработување, да се подигнат капацитетите на сите чинители во оваа област, како и да се воспостави систем кој ќе нуди професионална рехабилитација за сите граѓани.

„Спроведуваме, односно отпочнуваме нова активност во насока на унапредување на правата на граѓаните со хендикеп во областа на вработувањето со цел да предложиме нова мерка која ќе го надополни инструментот на професионална рехабилитација со предлог на нови модели и акции, а сè со цел активно вклучување на граѓаните со хендикеп во отворениот пазар на трудот.

Според последните податоци од Агенцијата за вработување, во Македонија има вкупно 2 300 вработени лица со инвалидитет, што според Кочовска е многу малку и поради тоа мора интензивно да се работи на поставените приоритети.

На денешната конференција беше потенцирано дека човековите права секогаш се во фокусот на вниманието на Министерството за труд и социјална политика, а Душко Миноски, како претставник од ова министерство, истакна дека постојано работат на подигнување на свеста за овој проблем.

„Имаме поставено систем, правилници и стратегии за оваа група граѓани, но мора да констатираме дека сè уште сме далеку од она вистинското. Треба да се престане со праксата на поделби и конечно да се почне да се разговара за тоа дека сите се дел од овој систем“, истакна Миноски.

Во однос на физичките бариери за пристап до институциите, Миноски рече дека тоа не е проблем само на државата туку дека е проблем и на локалната самоуправа. Во оваа насока тој порача дека сите општини во Македонија имаат обврска да ги направат институциите достапни за потребите на хендикепираните лица.

Сепак, проблемот со пристапноста кон пазарот на трудот не е проблем само во Македонија, туку ова прашање го засега целиот регион.

Според Алиса Гекиќ од „ЛИНК Мостар“, активностите што ќе следуваат во наредниот период ќе бидат насочени кон тоа да се обезбеди полесен пристап до правото за работа на лицата со инвалидитет во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

Според членот 27 од оваа конвенција, земјите потписнички се обврзани:

1. Земјите потписнички ги признаваат правата за работа на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите; овде е вклучено правото на можност за заработка за живот преку слободен избор и прифаќање на работа на пазарот за труд и работна средина која е отворена, вклучена и прифатлива за лицата со инвалидност. Земјите потписнички го штитат и промовираат остварувањето на правото на работа, вклучувајќи ги и оние кои се здобиле со инвалидност во текот на вработувањето, преку преземање соодветни чекори, а особено преку законодавство во однос на, меѓу другото:

а. Забрана на дискриминација врз основа на инвалидност во однос на сите проблематики поврзани со сите форми на вработување, вклучено и условите за регрутирање, најмување и вработување, траењето на вработувањето, унапредување во кариерата и безбедни и здрави услови на работа;

б. Заштита на правата на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите, на оправдани и поволни услови на работа, вклучувајќи и еднакви можности и плати за еднакво вредна работа, безбедни и здрави услови за работа, вклучувајќи и заштита од малтретирање и отстранување на причините за поплаки.

Исто така, земјите потписнички на Конвенцијата мора посебно внимание да обрнат и на членот 24 кој се однесува на образование на лицата со хендикеп.

 1. Земјите потписнички го признаваат правото на образование на лицата со инвалидност. Со цел остварување на ова право без дискриминација и врз основа на еднакви можности, земјите потписнички обезбедуваат вклучен систем на образование на сите нивоа и доживотно учење наменето за:

а. Целосен развој на човековиот потенцијал и чувство на достоинство и самовреднување, како и зајакнување на почитувањето на човековите права, основни слободи и човековата различност;

 б. Развој на идентитетот, надареноста и креативноста на лицата со инвалидност, како и на нивните ментални и физички способности до ниво на целосен потенцијал;

ц. Овозможување на лицата со инвалидност ефикасно да учествуваат во слободното општество.

Таа информираше дека во текот на нивната кампања, односно во наредните 12 месеци, ќе предложат склучување на јавно-приватно партнерство како и заедничка работа за решавање на проблемот на инвалидитетот во придонесување на изградба на капацитети за луѓето со хендикеп се со цел да бидат оспособени и понудени на пазарот на трудот.

А. Б.