УНЕСКО препорачува Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство и бара мораториум на градбите
УНЕСКО како организацијата на Обединетите нации за заштита на светското културно наследство препорачува Охрид и регионот да бидат ставени на листата на загрозено светско наследство.
УНЕСКО бара да се процени влијанието на нелегалните градби во заштитеното охридско подрачје, да се прогласи мораториум на градбите и да се отстранат оние што преставуваат опасност.
Од организацијата оценуваат дека нема напредок во решавањето на проблемите во животната средина и дека заштитеното охридско подрачје е под континуирани закани од градежни потфати.
Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ со години наназад алармираат и бараат да престанат нелегалните градби на охридското крајбрежје и заштитеното подрачје и бараат институциите да реагираат на грубото кршење на законската регулатива и загрозувањето на животната средина и на статусот на Охрид како град на УНЕСКО.
„Ако институциите на државата не најдат начин да се сузбие овој криминал, за какви европски вредности и перспективи зборуваме? За какво одење напред и за кого? Сигурно не за обичниот човек кој и понатаму ќе биде оштетуван и злоупотребуван“, истакнуваат граѓанските активисти.
Охрид за првпат откако е впишан како заштитено подрачја од УНЕСКО во 1979 година може да се најде на листата на светско културно наследство во опасност.
Инаку, минатата година собраниската Комисија за култура одржа надзорна расправа на тема: „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство“. Комисијата ѝ укажа на Владата особено да ја исполни препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион.
„Се укажува на Владата на Република Македонија да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО (април 2017), со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови (План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби и друго)“, беше истакнато на надзорната расправа.
„На Владата на Република Македонија ѝ се укажува на потребата од прецизирање на надлежностите на сите институции кои имаат ингеренции во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, како и на потребата да задолжи едно министерство кое би било надлежно за координирање на нивните активности.
На Владата на Република Македонија и на Собранието им се укажува да иницираат измени на сите закони кои овозможуваат градење во границите на Доброто без одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски.
Се препорачува на општина Охрид да ги изработи Деталните урбанистички планови за 19-те урбани комплекси кои се дел од споменичната целина во Старото градско јадро на Охрид, а на Владата на Република Македонија ѝ се укажува, во соработка со општината, да обезбеди финансиска и експертска поддршка за реализација на истите“, се дел од заклучоците од надзорната расправа.
Мисијата на УНЕСКО уште пред две години изрази загриженост од зголемување на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар „Галичица“ и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој.
„Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, предупредија од УНЕСКО.
Македонија имаше две години да ги исполни обврските кои УНЕСКО ги наведува во извештајот од 2017 година. Неисполнувањето на обврските резултираше со препорака Охрид да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.
М.В