/ Прочитано:

1.619

УНХЦР: Потребни се законски измени за надминување на проблемот на лицата без државјанство

Од вкупниот број, односно од вкупно 800 луѓе, како што денеска беше посочено на одбележувањето на третата годишнина од кампањата на УНХЦР за ставање крај на бездржавјанството, #IBelong, на околу 300 лица т.н. „фантоми“ им е помогнато да станат полноправни членови на заедницата.

Според проценките на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации, УНХЦР, во Република Македонија пред само три години имало најмалку 800 лица без документи и без државјанство, кои сиот овој период се буквално невидливи за општествениот систем и за институциите, немаат пристап до права од областа на здравствената и социјалната заштита, до образование и вработување. Од вкупниот број, како што денеска беше посочено на одбележувањето на третата годишнина од кампањата на УНХЦР за ставање крај на бездржавјанството,  #IBelong, на околу 300 лица т.н. „фантоми“ им е помогнато да станат полноправни членови на заедницата.

Од УНХЦР посочуваат дека бројот на луѓето без државјанство е далеку поголем, но за да може да се калкулира со точни и конкретни податоци, потребно е подигање на јавната свест токму кај лицата кои немаат документи, сами да се пријават. Исто така, од УНХЦР сметаат дека се потребни и законски измени со цел да се отстранат административните пречки и да им се помогне да го надминат проблемот.

„Ние пред три години направивме истражување и идентификувавме отприлика 800 лица кои имаа проблем со немање документи и државјанство. Успеавме да решиме 300 случаи. Треба да ја подигнеме јавната свест со темелни и сеопфатни кампањи и на ваков начин луѓето кои имаат проблем ќе истапат и ќе побараат помош ако се убедени дека таа помош ќе им биде дадена. Мислам дека знаеме за 800, но надвор има повеќе луѓе кои се соочуваат со овој проблем“, истакна Даг Сигурдсон од УНХЦР на презентацијата на извештајот #IBelong.

Според него, институциите, здруженијата на граѓани и другите меѓународни организации во Македонија мора да се фокусираат на заедничка соработка која ќе овозможи лицата без државјанство да ги добијат документите кои им требаат за да можат да ги остварат своите права.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска уште еднаш го нагласи основниот проблем со кој се соочуваат овие лица. Таа истакна дека лицата без државјанство немаат пристап до ниту едно право.

„Со тоа ги правиме најисклучени од општеството и ги правиме да влезат најдлабоко во сиромаштија. Затоа, за нас тоа е приоритетно прашање, бидејќи ако социјалните ризици се генерираат кај многу деца во Македонија, тие стануваат потенцијални социјални корисници или граѓани кои ќе живеат во длабока сиромаштија во идниот период“, нагласи министерката.

Царовска рече дека во соработка со другите институции многу бргу ќе изготви  план за тоа кои закони треба да се сменат во насока на надминување на овој проблем во Македонија. Според неа, мора да се направи и регистар на граѓани, бидејќи во моментов нема точна бројка колку лица во Македонија се без документи, како и тоа дека треба да се отстранат административните пречки, бидејќи, како што посочи, тоа е техничко прашање, но за лицата без државјанство е животно прашање.

А. Б.