/ Прочитано:

1.568

УНИЦЕФ ја промовираше македонската верзија на Меѓународната класификација на функционирање

Меѓународната класификација на функционирање дава нова перспектива на лицата со попреченост, бидејќи се фокусира на способноста, а не на лицата со попреченост и овозможува разбирање на она што лицето може да го направи, со што ќе се обезбеди оптимална вклученост, исполнување на потенцијалот и квалитетен живот на децата со попреченост. Под мотото „Види го детето, не попреченоста“, Kанцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираше македонската верзија на Меѓународната класификација на функционирање (МКФ), со која се очекува да се направи промена во начинот на кој се гледа и одговара на потребите на децата со попреченост.

Под мотото „Види го детето, не попреченоста“, Kанцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираше македонската верзија на Меѓународната класификација на функционирање (МКФ), со која се очекува да се направи промена во начинот на кој се гледа и одговара на потребите на децата со попреченост.

МКФ е рамка за организирање и документирање на информациите за функционирање и попреченост. Тоа претставува стандарден јазик за дефинирање и мерење на попреченоста. Со МКФ се прифаќа дека дефинирањето на попреченоста не е „црно-бело“, туку дека „способноста“ и „попреченоста“ можат да се гледаат на едно скалило на различни нивоа. Во оваа насока, како што беше потенцирано на денешниот настан, МКФ дава нова перспектива на лицата со попреченост, бидејќи се фокусира на способноста, а не на лицата со попреченост и овозможува разбирање на она што лицето може да го направи, со што ќе се обезбеди оптимална вклученост, исполнување на потенцијалот и квалитетен живот на децата со попреченост.

На промоцијата присуствуваше и премиерот Зоран Заев во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерката за образование Рената Десковска. Тој пред присутните истакна дека Владата на Македонија цврсто се залага да развива инклузивно општество со еднакви услови за сите граѓани, притоа нагласувајќи дека определбите на Владата се успешно да ги отстрани бариерите во општеството, а со тоа да се отворат шанси и можности за сите граѓани.

„Владата на Република Македонија развива инклузивно општество на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно, затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот. Затоа сум овде како премиер да потврдам дека Владата на Република Македонија го поддржува меѓународниот документ на УНИЦЕФ, Меѓународната класификација на функционирање и веќе влеговме во подготовки за примена на овој документ на УНИЦЕФ“, соопшти премиерот Заев.

За активностите што Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика ги планираат во однос на ова прашање, премиерот рече дека веќе се работи на формирање две пилот-комисии за функционална проценка на децата со попречености и најави дека од следната година овие комисии ќе работат во два региона во земјата.

Воедно, Заев посочи дека е започнат и процес на деинституционализација и дека наместо големи институции што згрижуваат по 100-тина деца, ќе се формираат мали групни домови со по 5 деца кои ќе добиваат стручна социјална и здравствена поддршка, така што за оваа мерка се предвидени средства во буџетот за 2018 година.

Во однос на правилникот за функционална анализа, премиерот Заев истакна дека е подготвен и дека се работи на обуки за специјализирани експерти во областа на здравството и социјалната заштита, кои ќе можат успешно да работат со децата со попречености за да овозможат нивен индивидуален развој.

Во своето обраќање, тој ги коментираше резултатите од анкетата направена од страна на УНИЦЕФ, за проблемот со низок степен на контакт со лицата со попреченост, за неможноста децата со попреченост да ги развиваат своите потенцијали како другите деца и порача дека Владата на Република Македонија ќе работи на тоа да ги промени овие перцепции, со тоа што ќе ги отвори шансите и можностите за децата со попреченост.

Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, истакна дека во Македонија има околу 21.500 деца кои имаат некаква попреченост, од кои околу третина од нив не посетуваат училиште. Тоа, како што истакна Перкс, го нарушува нивното право на игра, градење релации, развивање на својот идентитет и остварување на потенцијалот.

„Најлошото е тоа што во руралните средини децата се скриени од заедницата поради срам и стигма, или пак остануваат осамени во институциите, како во Демир Капија, каде што не добиваат љубов и внимание, за кои со сигурност знаеме дека се најпотребни на секое дете. Ќе ја продолжиме нашата работа со Владата, граѓанскиот сектор и медиумите, за да бидеме сигурни дека не постои ќоше во земјата од Дебар до Делчево, од Куманово до Гевгелија и насекаде помеѓу, каде што децата со попреченост остануваат невидливи, а за нивната ситуација не се зборува. За да ја подобриме состојбата на децата со попреченост, неопходни се итни реформи. Мора да го гарантираме правото на секое дете да учи, неопходна е поддршка од семејствата и неопходна ни е соодветна класификација на способностите и капацитетите на секое дете“, рече Перкс.

Меѓународниот експерт Андреас Мартинуци истакна дека МКФ е начин на гледање на функционалноста и попреченоста во согласност со конвенцијата на Обединетите нации.

Со МКФ, сите луѓе се гледаат на иста основа, овозможувајќи нивните капацитети и потенцијали да се споредуваат, и тоа во однос на сродното функционирање, преку една заедничка рамка. МКФ ги почитува правата на секоја личност и активно избегнува етикетирање, стигматизација и дискриминација.

А. Б.