/ Прочитано:

1.718

Унифицирање на судската пракса за нејзина посилна улога во правниот систем

Понеделник, 13 јули 2015 – Два мошне значајни проекти денеска беа презентирани од страна на Центарот за правни истражувања и анализи, кои се во насока на поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем и за развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството.

Целта на првиот проект е развивање на релевантна и сеопфатна матрица на индикатори за следење на напредокот на судските реформи во Република Македонија. Со вториот проект ќе се овозможи креирање на поволни услови за поддршка на воспоставување унифицирана судска пракса и ќе се зајакне улогата на судската пракса во македонскиот правен систем со стандардите на ЕУ.

Во рамките на овие два проекти, како што образложуваат од ЦПИА, ќе постои инклузија на повеќе засегнати страни и субјекти во правосудниот систем, а сѐ со цел преку соработка да се изнајдат поквалитетни решенија за ефикасна правда и правосудство. Имено, како страни засегнати во реализацијата на проектот се посочуваат Врховниот суд, претседателите на судовите, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, судската администрација, адвокати, нотари, извршители, јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители.

Лидија Стојкова Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи, во рамките на своето излагање на проектите „Поддршка за воспоставување унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ и „Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудниот сектор“ истакна дека целта на проектите е да се постигне сеопфатна анализа на судската пракса, нејзина хармонизација и унифицираност и јакнење на капацитетите на судството.

Исто така, таа додаде дека ќе се направи и компаративна студија за клучните принципи и препораки во процесот на судските реформи.

За проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ и проектот „Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството“, со свои излагања учествуваа Јелена Ристиќ, проектен менаџер, Аднан Јашари, министер за правда, и Чарлас Едмунд Гарет, британски амбасадор.

„Резултатите од овие проекти ќе овозможат да се оценува напредокот во областа на правосудството низ призмата на неколку фактори, од кои најважни се квалитетот, непристрасноста, интегритетот, независноста“, оцени министерот Јашари, кој го истакна и значењето на унифицирањето на проектот за судската пракса, која, како што подвлече министерот, не е целосно унифицирана.

„Овие два проекти се многу важни зашто овозможуваат да се создаде еден систем кој ќе биде ставен во пракса и кој ќе може да работи еднакво за сите засегнати страни во овој широк сектор“ истакна британскиот амбасадор.

На настанот, министерот за правда Аднан Јашари и британскиот амбасадор Чарлс Гарет потпишаа и Меморандум за соработка со цел унапредување на правниот систем во Република Македонија.

Од основањето во 2012 година, Центарот за правни истражувања и анализи – ЦПИА работи во областа на владеењето на правото, пристап до правдата, демократизација, доброто владеење и човековите права. ЦПИА се залага за постигнување на своите цели преку активности поврзани со правни истражувања, развој на правни ресурси, мобилизирање на заедницата, градење правна свест и обезбедување правни совети и мислења.

М.В /veljanoskim@akademik.mk