/ Прочитано:

2.638

Употреба на ресурси на приватните болници и надоместок во време на кризна состојба

 Во исчекување на одлуката на Владата на Република Северна Македонија за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава, се појавија доста интересни правни дилеми кои произлегуваат од Законот за управување со кризи. Повеќе од јасно е дека кризната состојба ќе се прогласи, меѓу другото, и поради законската можност Владата да може  да управува со ресурсите на приватните болници, во смисла на опрема и кадар. Тука се поставуваат следните правни прашања:

  1. До која мера Владата може да ги користи ресурсите на приватните болници во согласност со Законот за управување со кризи?

Во овој дел законот не предвидува прецизни одредби. Во ваква ситуација примена наоѓа членот 32, став 2 од Законот за управување со кризи, кој практично вели дека употребата на ресурсите во случај на кризна состојба треба да биде:

– пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба;

– разумна според карактерот на кризата и

– сериозна според јачината и обемот на кризата.

Членот 33, став 5 од Законот за управување кризи остава законска можност Владата да може со подзаконски акт да ги определи видот и мерата на употребените ресурси.

Во овој случај не може да стане збор за национализација на приватните болници, туку за управување со ресурсите на приватните болници од страна на Владата во согласност со членот 32, став 2 од Законот за управување со кризи.

  1. Која би била висината на надоместокот за таквото користење на ресурсите на приватните болници во согласност со Законот за управување со кризи?

Висината на надоместокот за користење на ресурсите на приватните болници е уредена со чл. 33, ст. 3 од Законот за управување со кризи. Во согласност со оваа одредба, дневниот надоместок за користење на ресурсите (во случајов на приватните болници) не може да биде повисок од 30 % од просечната месечна нето-плата по работник во Републиката, објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите.

Членот 33, став 5 од Законот за управување кризи остава законска можност Владата да може со подзаконски акт да ја определи висината на надоместокот за употребените ресурси од приватните болници во согласност со ставот 3 од истиот член.

  1. Дали граѓаните кои ќе користат услуги од страна на приватните болници ќе бидат подложни на плаќање на дел од надоместокот за користење на ресурсите на приватните болници во согласност со Законот за управување со кризи:

Членот 48, став 5 од Законот за управување со кризи предвидува законска можност финансиските средства за користење на ресурсите на приватните болници да се обезбедат од сопствени средства и од средства од Буџетот на Република Северна Македонија. Ова практично остава можност дел од финансиските средства предвидени како надоместок за користење на ресурсите на приватните болници да биде покриен од страна на Буџетот на државата, а друг дел да биде покриен од страна на граѓаните. Висината на надоместокот кој би се плаќал од страна на граѓаните по правило не би требало да биде повисок од оној кој се плаќа при користење на државните болници. Токму затоа упатувам апел Владата при определување на висината на надоместокот да се води во согласност со законот и интересите на граѓаните и таквиот износ да не биде поголем од надоместокот кој граѓаните го плаќаат во државните болници.

Струга, 20.11.2020 година.                                     Адвокат Глигорие Ќатоски

Што претставува кризната состојба

Советот за безбедност препорачува прогласување на кризна состојба во траење од 30 дена

Разлики во прогласување вонредна и кризна состојба

Уставните одредби за вонредната состојба

М.В