/ Прочитано:

1.108

УПОЗ и Катастарот потпишаа колективен договор, се најавуваат договори и со други институции

УПОЗ и Агенцијата за катастар на недвижности го потпишаа посебниот договор на ниво на работодавач, со кој се унапредуваат правата од работен однос.

Директорот на Агенцијата, Борис Тунџев, се надева дека со потпишувањето на договорот вработените ќе ги добијат очекуваните права бидејќи во него се опфатени поволности кои во изминатиот период не биле предвидени. Од синдикалната организација на Катастарот и од УПОЗ велат дека се задоволни од потпишаниот договор.

Од УПОЗ велат дека засилените активности на Синдикатот на УПОЗ ќе резултираат со потпишување на повеќе посебни договори на ниво на работодавач.

„Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) е во засилена активност и со задоволство можеме да констатираме дека претстои период кога досегашната напорна работа и лобирање ќе се финализира со потпишување на повеќе колективни договори, односно посебни договори на ниво на работодавачи, кои имаат разбирање за нашите барања“, нагласуваат од УПОЗ.

Синдикатот на УПОЗ е во преговори со повеќе работодавачи. „Со дел од нив веќе сме во фаза пред потпишување на посебни договори. Списокот е поголем, па така се очекува потпишување на договори со: Агенција за катастар на недвижности, Дирекција за заштита и спасување, „Службен весник на РСМ“, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Гази Баба, Општина Свети Николе, Фонд за здравствено осигурување“, велат од УПОЗ.

М.В