/ Прочитано:

1.005

УПОЗ: Кога Синдикатот бара зголемување на платите нема пари, а кога судовите набавуваат нови возила има

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на денешната конференција за медиумите информираше за добиените сознанија за набавка на нови автомобили на дел од судовите во државава.

„Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или какви било потреби на судовите и судиите или за која било институција во државата никогаш не е проблем“, беше истакнато на денешната прес-конференција.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, рече дека нивните конкретни барања за зголемување на платите на судските службеници, правилна исплата на додатоците на плата за судските полицајци, воведување на јубилејни награди и регрес за годишен одмор, за жал, секогаш се или одбиени или игнорирани, со образложение дека законот тоа не го предвидува и дека нема средства во буџетот, било да е тоа судскиот или државниот буџет.

Но, очигледно ова правило важи само кога се работниците во прашање затоа што деновиве сме сведоци дека во судскиот буџет и во буџетот на државата секогаш може да се изнајдат средства кога е потребно, и тоа за луксузирање.

„Претседателот на Судскиот совет пред неколку дена објави дека Судскиот совет ќе набави две возила, едно во вредност од 40.000,00 евра, а другото во вредност од 16.000,00 евра. Од оние податоци кои ние можевме да ги најдеме, отворени се или веќе се реализирани постапки за набавка на нови возила во Врховниот суд, во вредност од 16.000,00 евра; Апелациониот суд Гостивар, 28.336,00 евра; Основниот суд Тетово, 20.000,00 евра; Основниот суд Велес, 16.000,00 евра; 27.000,00 евра во Основниот суд Скопје 2; Апелациониот суд Штип, 28.000,00 евра, Основниот суд Штип, 16.000,00 евра; Основниот суд Битола, 16.000,00 евра и Апелациониот суд Битола, 28.000,00 евра. Кога ќе се соберат сумите од сите набавки на возила заедно, ќе излезе дека Судскиот совет и судовите ќе потрошат приближно околу 250.000,00 евра, пари од работниците и државата за набавка на возила”, рече на денешната конференција за медиумите генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Тој уште рече дека доколку имале барем малку доблест или совест, претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет ќе се заложеле тие средства да се искористат на друг начин, при тоа алудирајќи на незаконски задржаните пари за време на штрајкот од 2016 година. Или, пак, можело да се предвиди исплата на додатоци на плата за вработените во судовите, да се набават нови униформи и опрема за судската полиција, или да се донесе одлука за зголемување на платите на вработените во судовите, па макар таа била и еднократна.

Синдикатот на УПОЗ реагира и на изјавата на претседателот на Судскиот совет, во која тој, меѓу другото, ѝ се заблагодарува на Владата.

„Претседателот на Судскиот совет изјави дека возило од 40.000,00 евра не е луксузно возило. Можеби тоа е точно за него, но воопшто не е точно за вработените во судовите, чии плати со пресметан работен стаж од 30 години изнесуваат 15.000 или 16.000 денари. Во својата изјава претседателот на Судскиот совет, исто така, ѝ се заблагодари на Владата што овозможила да донесе ваква историска одлука за набавка на возила. Ние во оваа прилика сакаме да ја повикаме Владата да го исполни своето ветување и веднаш по завршување на претседателските избори да ги врати незаконски задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година, во спротивно ќе се соочи со над 2.000 тужби за поврат на овие средства кои ќе нанесат огромна штета на буџетот на државата”, реагираше Деаноски и уште еднаш ја повика Владата да размисли дали со набавка на возила се наградуваат челниците на правосудството, иако во секој извештај на Европската Унија е потенцирано дека најголемите реформи во нашата држава е потребно да се извршат токму во правосудството и Судскиот совет.

Синдикатот на УПОЗ смета дека доколку државата сака успешни претпристапни преговори со Европската Унија за поглавјата 23 и 24, како што тоа неколку пати е потенцирано од страна на Владата, потребни се мотивирани судски и административни службеници, а не награди за кочничарите на сите реформи кои треба да се спроведуваат во Македонија.

На крај Деаноски упатувајќи апел да се реализираат ветувањата од Владата за кои разговараат со неа од 2017 година, за враќање на незаконски задржани средства за време на штрајкот, потсети дека досега на оваа тема одржале неколку состаноци, и со премиерот и со министерката за правда и со министерот за финансии, каде што биле известени дека тие пари се обезбедени, но дека се бара начинот како да се вратат.

„Изгледа начинот е многу лесен кога треба да се најдат пари за други освен за работниците. Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците, имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или какви било потреби на судовите или за која било институција во државата никогаш не е проблем”, рече Деаноски.

М.В