/ Прочитано:

1.306

УПОЗ најави кривични пријави за претседателот на Кривичниот суд, за секретарот и за полицаец поради спречување на штрајкот

„Од вчера, како претседател на Кривичниот суд во Скопје, Панчевски учествува на тркалезна маса, организирана од Здружението на јавни обвинители на Р Македонија, Институтот за судска медицина и Академијата на судии и јавни обвинители, која се одржува во Гевгелија, па затоа нејасно е како претседателот на Судот може да врши притисок врз вработените кога воопшто не е во Скопје“, се наведува во соопштението на Судот.

Штрајк на УПОЗ од 3 декември 2015

На денешниот втор ден од штрајкот на судската администрација, претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски, најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Основниот суд Скопје 1, против секретарот на Судот и против еден судски полицаец кои, според него, им вршеле притисок на вработените во овој суд за да не се приклучат кон штрајкот, заканувајќи им се со казни и отказ.

„Пред три години претседателот на синдикалната организација од Основен суд Скопје 1 беше исклучен од УПОЗ бидејќи работеше неправилно. Потоа тој формираше нова синдикална организација, а ветуваше работи кои не им ги исполни на членовите. Пред еден месец администрацијата на овој суд повторно се зачлени во УПОЗ и им се придружи на нашите барања. Токму поради ова, тие се незадоволни и прават сѐ да ги спречат луѓето да излезат на штрајк“,  рече Грујовски.

Од Кривичниот суд, пак, велат дека претседателот Владимир Панчевски ги поздравува напорите на колегите вработени во судовите во Македонија за остварување на нивните права.

„Од вчера, како претседател на Кривичниот суд во Скопје, Панчевски учествува на тркалезна маса, организирана од Здружението на јавни обвинители  на Р Македонија, Институтот за судска медицина и Академијата на судии и јавни обвинители, која се одржува во Гевгелија, па затоа нејасно е како претседателот на Судот може да врши притисок врз вработените кога воопшто не е во Скопје“, се наведува во соопштението на Судот.

Во однос на најавените пријави, секој граѓанин на оваа држава има право и може да поднесе кривична пријава против друго лице,  а институциите кои постапуваат по тие пријави да ја утврдат нивната основаност, порачува претседателот на Кривичниот суд.

Во Кривичниот суд има 400 вработени, а само околу 15 се членови на синдикатот на УПОЗ, додека поголем дел се членови на синдикатот на САДУ, односно 136 члена и 74 се членови на Здружението на судска администрација – подружница на Основен суд Скопје 1 – Скопје кои, како што сме информирани, ги поддржуваат барањата на вработените, но не се приклучија на штрајкот во ваков облик, велат од Судот.

„Дополнително претседателот на Судот е известен дека токму тројца вработени , членови на УПОЗ, подолг период наназад им се заканувале на другите колеги од Судот и им вршеле притисоци да излезат на штрајк против нивна волја, за што веќе се земени изјави од вработените, случајот е соодветно документиран и законски се информирани надлежните, така што разбирливи се заканите кои ги упатуваат од УПОЗ“, велат од Кривичен.

Инаку, како што информираат од УПОЗ, денеска штрајкот се одвива непречено во сите судови каде што УПОЗ има синдикални организации. Штрајкот ќе трае сè до исполнувањето на единственото барање, а тоа е зголемување на платите за 35 отсто.