УПОЗ најави тридневен штрајк и протест
Штрајкот, како што се наведува во соопштението, е продолжение на предупредувачкиот штрајк одржан во декември, минатата година, и претставува следна фаза од барањата за измени на Законот за судска служба.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Здружението за судска администрација (ЗСА) на крајот од месецов, односно на 23, 24 и 25 март 2016 година, ќе одржат тридневен штрајк во сите судови во Република Македонија.
Штрајкот, како што се наведува во соопштението, е продолжение на предупредувачкиот штрајк одржан во декември, минатата година, и претставува следна фаза од барањата за измени на Законот за судска служба.
„Синдикатот на УПОЗ и ЗСА беа трпеливи и во неколку наврати ги пролонгираа роковите дадените до надлежните органи со надеж дека ќе бидат прифатени нашите барања“, се вели во соопштението.
На средбата во Министерството за правда, по предупредувачкиот штрајк, станало збор за барањата што биле изнесени на штрајкот и било договорено формирање работна група, составена од претставници на Синдикатот на УПОЗ, од ЗСА и од Судскиот совет, која подготвила нов Предлог-текст на Законот за судска служба, во кој биле опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА.
„Подготвениот Предлог-текст на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано негово итно разгледување, прифаќање на предлозите и отпочнување постапка за усвојување нов текст на Законот за судска служба. Но, оттогаш до денес Министерството за правда ги проби сите рокови и не се произнесе по предлозите“, стои во соопштението.
Покрај тридневниот штрајк, за 25 март од УПОЗ најавуваат и протест пред Министерството за правда и пред Министерството за информатичко општество и администрација кој ќе заврши пред Владата.
Од Синдикатот на УПОЗ и од ЗСА велат дека, покрај веќе истакнатите барања за измена на Законот за судска служба, со овој штрајк ќе побараат и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5 % на јавната администрација и враќање на работното време од 7:30 до 15:30 часот.