/ Прочитано:

1.808

УПОЗ: Преговори за колективен договор за вработените во администрацијата и правосудните органи

Со средбата меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ и официјално започнаа преговорите за потпишување на грански колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата, информираат од УПОЗ.

На средбата, освен претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, и генералниот секретар Трпе Деаноски, присуствуваа и потпретседателот на Синдикатот на УПОЗ, Васе Неданоски, претседателот на Одборот за административни службеници, Зоран Георгиевски, и членот на претседателството и на Извршниот одбор на Синдикатот на УПОЗ, Насуф Ќамили.

Од страна на Владата на Р Македонија на оваа средба присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерката за правда, Рената Дескоска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, заменик-министерот за МИОА, Александар Бајдевски, државниот советник во МИОА Билјана Николоска-Жагар и државниот советник во Министерството за труд и социјална политика Ирена Ристеска.

„Синдикатот на УПОЗ подолг период е во преговори со МИОА за потпишување на грански колективен договор, и во таа насока состави работната група која подготви и достави предлог-текст на колективниот договор до МИОА. На работната средба одржана со претставниците на Владата на Р Македонија се утврди динамиката по која работните групи од двете страни ќе ги усогласуваат евентуалните разлики во предлог-текстот на колективниот договор и се изрази заеднички заклучок дека е можно гранскиот колективен договор да биде склучен најмногу за еден месец.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека со овој колективен договор конечно мора да бидат утврдени поголеми права за членовите на Синдикатот и, иако имаше спротивставени ставови во поглед на ова прашање, се заклучи дека треба да се разгледаат искуствата од регионот и доколку постои можност да се утврдат поголеми права за членовите на Синдикатот.

Исто така, едно од прашањата за кои се разговараше беше и учеството на Синдикатот во изготвување на законите и подзаконските акти што ја уредуваат работата на вработените, а особено во подготвување на правилниците за систематизација на работни места.

Доколку се потпише, овој колективен договор ќе биде прв грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи по 1995 година, и освен горенаведеното во него е предвидено да се добијат и голем број други права од кои државните службеници со години наназад беа лишени“, истакнуваат од УПОЗ.

М.В