/ Прочитано:

947

УПОЗ со забелешки за новиот Предлог-закон за инспекциски надзор

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ учествуваа на јавната расправа по Предлог-законот за инспекциски надзор, при што во текот на дискусијата ги искажаа забелешките на Синдикатот во однос на овој закон.

Во Собранието се одржа 70. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која беше организирана јавна расправа по Предлог-законот за инспекциски надзор.

На Комисијата свое учество зедоа и генералниот секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Трпе Деаноски, кој ги изнесе забелешките во однос на овој закон, како и претседателот на Одборот за инспекциски надзор, Димитар Гаќев.

Пренесувајќи ги забелешките во името на Синдикатот на УПОЗ во врска со Предлог-законот за инспекциски надзор, Деаноски рече дека, иако законот е lex specialis и треба да ги регулира сите права од работен однос на инспекторите, повторно се воочува неговата поврзаност со Законот за административните службеници, особено во категоризацијата и звањата на инспекторите, како и во однос на тоа дека сè уште постојат проблематичните категории: советник инспектор, самостоен инспектор, помошник инспектор и помлад инспектор.

„Нелогично е зошто, доколку овој закон треба да биде lex specialis, се дозволува платите на инспекторите да се регулираат со друг закон, односно со Законот за административни службеници. Доколку интенцијата е инспекторите да добијат на значење и да се издвојат од останатите вработени во администрацијата, поради специфичноста на нивната работа и ризикот на работењето, би требало со овој Закон да се регулираат и месечните примања со кои би се издвоиле од останатата администрација”, рече во дискусијата генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Следната забелешка на УПОЗ за овој предлог-закон е во делот на изборот на членовите на Инспекцискиот совет. Синдикатот на УПОЗ смета дека еден од условите за избор на членови на Инспекцискиот совет треба да биде и претходното  работно искуство на членот во инспекторатите, што во овој случај не е предвидено.

И во однос функцијата директор на инспекторат, УПОЗ бара тоа да не биде политичка функција, туку за директор на инспекторат да биде именувано или избрано лице кое ќе произлезе од институцијата и кое ќе ја познава работата на инспекторатот.

„Синдикатот на УПОЗ има забелешка и во однос на месечните планови и извештаи. Потребно е, наместо месечен план и месечен извештај, да се предвидат годишни или квартални планови и извештаи бидејќи со изготвувањето на извештаи непотребно ќе се обременува работата на инспекторите. Ако на ова уште се надоврзе и недоволниот број на инспектори, тогаш навистина инспекторите  наместо на терен ќе го поминуваат работното време во канцеларија пишувајќи извештаи. Токму затоа, Синдикатот на УПОЗ смета дека е потребно вработување на нови инспектори и пополнување на испразнетите работни места бидејќи речиси сите инспекторати имаат многу помал број вработени од она што е предвидено во правилниците за систематизација“, истакна Деаноски.

Според Синдикатот, потребно е да се предвидат и нови звања.

„Да се предвидат нови звања за инспекторите од категоријата В, односно инспекторите да не бидат на исто ниво со административните службеници. Не е јасно какви работни задачи би извршувало лицето на ниво Б1 – генерален инспектор”, коментираше Деаноски, кој смета дека оценувањето се доведува во прашање поради недоволниот број вработени инспектори, кои пак поради ваквата ситуација повеќе работат на вонредни надзори отколку на редовни, кои се зацртани во нивните планови и според кои се оценуваат инспекторите.

Она што е позитивно според Синдикатот на УПОЗ и кое е за пофалба е предвидениот додаток на плата за ризик од 30%, наградувањето и осигурувањето од несреќа при работа.

На јавната дебата во Собранието, покрај пратениците и претставниците на Синдикатот на УПОЗ, учествуваа и невладини организации, институции и други засегнати страни.

Законот за инспекциски надзор на прво читање пред Комисијата за политички систем

Со новиот Закон за инспекциски надзор инспекцијата нема да се доживува како репресија, велат од МИОА.

Опомената – примарна инспекциска мерка во Предлог-законот за инспекциски надзор

Предлози и забелешки за Законот за инспекциски надзор

Јавна расправа за новиот Закон за инспекциски надзор: Ќе се подобри квалитетот на работата на инспекциските служби

МИОА: Јавна расправа за Предлог-законот за инспекциски надзор

Реформата на инспекциските служби значајна за работата на компаниите

Се подготвува нов Закон за инспекциски надзор 

М.В