/ Прочитано:

1.306

УПОЗ: Судската администрација е подготвена и за штрајк со глад доколку не ѝ бидат исполнети барањата

Доколку Судскиот буџетски совет ги разгледа нивните барања и доколку е подготвен да преговара, Грујовски вели дека тие ќе прифатат да разговараат со цел предлозите на Синдикатот да бидат остварени и штрајкот да биде прекинат.

akad 4

Судската администрација штрајкува веќе десет дена, а очигледно е дека судската власт секогаш ја заборава оваа категорија на вработени во судовите. Затоа, му се обраќаме на министерот за правда за да го потсетиме дека судската администрација е онеправдана и дека бара решение на своите барања. Ова го порача претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски, од улицата пред влезот на Министерството за правда, каде што денеска се одржа протестот на судската администрација.

„Поминаа шест дена откако беше понудено решение кое е прифатливо и за Синдикатот и за власта, но тие се определија да нè игнорираат. Поради тоа, по инцијатива на скопските судови, денеска се собравме тука за да бидеме видени и за да бидеме слушнати“, рече Пеце Грујовски.

Според него, револтот кај колегите е сè поголем поради игнорирањето од страна на надлежните институции, но и поради притисоците, а дел од судската администрација од повеќе судови во земјава веќе најавила дека е подготвена и да штрајкува со глад.

Доколку Судскиот буџетски совет ги разгледа нивните барања и доколку е подготвен да преговара, Грујовски вели дека тие ќе прифатат да разговараат со цел предлозите на Синдикатот да бидат остварени и штрајкот да биде прекинат.

Претседателот на Судскиот совет и на Судскиот буџетски совет, Зоран Караџовски, вели дека тие ја разгледале спогодбата доставена од страна на Синдикатот, која била доставена и до Министерството за правда.

„Ние одржавме неколку средби со претставниците на Синдикатот, но за да се реализира таа спогодба и барањата на Синдикатот, не е потребно Судскиот совет да даде мислење, туку предлозите треба да ги прифатат и извршната и законодавната власт за да можат да се инкорпорираат како законски измени“, вели Караџовски.

Од Синдикатот најавија дека денешниот протест пред Министерството за правда е само почеток на синдикалната битка, доколку надлежните и натаму ги игнорираат нивните барања.

„Ова не е последен чекор. Последен чекор е заклучувањето на судските врати, а тоа значи ниту ние надвор, ниту странките внатре.“

Уште од декември минатата година, кога имаа предупредувачки штрајк, вработените во судската администрација бараат од надлежните зголемување на надоместоците за плати. Судските службеници и во март годинава имаа тридневен штрајк и протест пред Министерството за правда со истото барање да бидат рамноправни со останатите вработени во судството.

М. С.