/ Прочитано:

901

УПОЗ усвои Резолуција за платите

Делегатите на Осмиот Конгрес на Синдикатот на УПОЗ кој се одржа на 10.12.2021 година, усвоија резолуција за платите со што ќе се побара зголемување и усогласување на платите во државната администрација. Усвоената резолуција, ќе биде доставена до Владата на РСМ а воедно ќе биде побарана средба со премиерот на РСМ со цел резулоцијата да биде образложена и да се разговара за платите на вработените во управата и правосудството.

Врз основа на интензивните активности во врска со платите на вработените во управата и правосудството кои во изминатиот период ги презеде Синдикатот на УПОЗ, а незадоволни од односот на Владата како нивни работодавач, делегатите на 8-иот Конгрес на Синдикатот на УПОЗ предложија Конгресот да усвои резолуција за платите на вработените во управата и правосудството.

Поаѓајќи од податоците за висината на платите, констатираа дека во управата и правосудството, платите заостануваат во однос на платите на сите вработени во другите институции  од јавниот сектор.

Минималната плата во Република Македонија за период од неколку години се зголеми од 10.800,00 денари на 15.142,00 денари, но тоа на ја подобри состојбата со платите. Во одредени сектори на државата се изврши усогласување на платите со порастот на минималната плата, но таквото усогласување не се случи во управата и правосудството.

Висината на платите на вработените во управата и правосудството, во услови на растечката инфлација и секојдневното зголемување на цените, воопшто не можат да ги задоволат основните потреби за живот. Напротив,  ваквата состојба доведе до тоа стандардот на вработените да е загрижувачки низок, стапката на сиромаштија да е во постојан раст, а категоријата сиромашни граѓани се зголемува меѓу овие вработени, што е недозволено.

Поразителен е фактот дека 95% од вработените во управата и правосудството имаат плата која е пониска од просечната плата исплатена во државата, а од нив скоро 60% се на граница на минималната плата или добиваат и помала плата од минималната што е против законски.

Ова дотолку повеќе што ако се земе во предвид и фактот дека со воведување на концептот бруто плата во 2009 година, храната и превозот се сметаат и се исплаќаат како дел од бруто платата, а не како трошок, ќе дојдеме до податок дека над 60% од вработените во управата и  правосудството имаат плата под минималната плата.

За таа цел делегатите на осмиот Конгрес на Синдикатот на УПОЗ ја усвоија следнава:

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПЛАТИТЕ 

  1. Вредноста на бодот предвидена во посебните закони да биде поврзана со порастот на просечната плата во државата. На овој начин вредноста на бодот нема да ја утврдува Владата со утврдување на државниот Буџет, туку вредноста на бодот ќе биде променлива секој месец и ќе расте со порастот на просечната плата;
  1. Минималната плата да биде дел од основната плата на вработените во управата и правосудството, заедно со бодовите за образование и ниво. Ваквата пресметка на плата ќе придонесе платите на вработените најпрвин да се усогласат со досегашниот пораст на минималната плата, и следствено на тоа секоја година да се корегираат со порастот на минималната плата.
  1. Платата на ниво помлад соработник (В4) да е во износ на просечната плата исплатена на ниво на државата, а сите останати плати по нивоа (Б и Г), да се во сооднос со ова ниво.

М.В