Управниот совет на Европскиот стабилизациски механизам му додели финансика помош на Кипар
Четврток, 25 април 2013 – Управниот совет на Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ) донесе одлука за давање финансиска помош на Кипар во висина од 9 милијарди евра.
„Во согласност со одлуката на Еврогрупата од 25 март европските партнери на Кипар ќе му доделат девет милијарди евра, а ММФ уште една милијарда евра“, се наведува во соопштението на ЕСМ.
Претседателот на ЕСМ, Клаус Реглинг, рече дека доделувањето на помошта е првата комплетна програма за макроекономска стабилизација, што се финансира од Европскиот стабилизациски фонд.
ЕСМ досега единствено и има помогнато на Шпанија и тоа со 41 милијарда евра за реформа на финансискиот сектор. Првата транша од помошта за Кипар се очекува во средината на мај. Овие средства ќе ги покријат буџетските потреби на земјата и ќе и помогнат да ги намири своите среднорочни и долгорочни долгови. Средствата ќе бидат употребени и за рекапитализација на кредитните друштва на земјата, со исклучок на „Банката на Кипар“, која според условите на спогодбата за доделување на помошта, треба да го пополни својот капитал преку оданочување на негарантираните влогови.