Управниот суд одлучува по тужбите за првиот круг од изборите
Понеделник, 1 април 2013 – Рокот во кој Управниот суд треба да одлучи по тужбите поднесени од политичките партии по решенијата на ДИК, а во врска со приговорите за првиот круг од локалните избори истекува вечерва во 19 часот.
Повеќе од 100 тужби поднесе коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, зашто смета дека Државната изборна комисија одлуките ги донела со надгласување, а не врз основа на закон и аргументи. Жалби имаат поднесено и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ, Демократска партија на Турците во Македонија.
На веб страницата веќе се објавени неколку одлуки на Управниот суд. Како неосновани се одбиени тужбите на СДСМ за поништување на гласањето на избирачките места 1934, 1965 и 1975 во Тетово. Одбиена е и тужбата на СДСМ за Аеродром, за избирачкото место 2267 во Штип и за избирачкото место 1381 во Прилеп. Не се прифатени и тужбите на ВМРО-ДПМНЕ за избирачкото место 0793 за Кичево, на ДОМ за Делчево и Богданци и Демократската партија за Турците во Македонија за четири избирачки места во Пласница.
Одлуките на Управниот суд се последни и конечни и по нив ќе се знае дали и на кои избирачки места ќе има прегласување на првиот круг.