/ Прочитано:

1.827

УПРАВНИОТ СУД: Примената на новиот Закон за управни спорови е сериозно доведена во прашање

Управниот суд ја известува пошироката и стручната јавност дека примената на новиот Закон за управни спорови, која треба да започне од 25.5.2020 година, е сериозно доведена во прашање и речиси е невозможна поради тоа што во постојниот објект во кој се наоѓа Судот нема судници за одржување на јавни расправи кои се предвидени со новиот Закон.

„Имено, на Управниот суд со Одлука на Владата на Република Македонија од 25 септември 2018 година му е доделен на трајно користење објект на ул. ‘Даме Груев’ бр. 28, сопственост на Република Македонија, која е спроведена во Агенцијата за катастар на недвижности, односно извршено е прибележување на правото на трајно користење во корист на Управниот суд, но Судот до денес, и покрај тоа што поминаа повеќе од 1 година и 4 месеци, го нема добиено во владение објектот поради тоа што истиот се користи сè уште од службите на Министерството за транспорт и врски.

Претседателот на Управниот суд во повеќе наврати се обрати до Министерството за транспорт и врски да го испразни објектот и истиот да го предаде во владение на Управниот суд, но до денес тоа не е сторено. Поради тоа претседателот на Судот се обрати со дописи до релевантните институции, и тоа до: Владата на РСМ, Министерството за правда, Судскиот совет на РСМ, со барање да се изнајде начин да се надмине настанатиот проблем, но за жал и покрај сите напори проблемот на предавање во владение на објектот на Управниот суд не се реши.

Исто така, од претседателот на Управниот суд е доставно и барање до Државното правобранителство на РСМ за преземање на конкретни мерки во врска со предавање во владение на објектот кој е доделен на трајно користење на Управниот суд, но и од Државното правобранителство на РМ не беа преземени соодветни активности за решавање на проблемот“, образложуваат од Управниот суд.

„Поради горенаведената ситуација, односно необезбедувањето на просторни капацитети за спроведување на Законот за управните спорови, од страна на Управниот суд беше доставен предлог да се одложи примената на новиот Закон за управни спорови до обезбедување на услови за практична примена на истиот, односно истиот да отпочне да се применува од 1.1.2021 година. Сепак, од страна на Министерството за правда сме известени дека не постојат реални причини за одлагање на примената на Законот за управни спорови и даден е предлог за обезбедување на потребни просторни услови за непречено функционирање на Управниот суд да се користат судниците на редовните судови за одржување на јавни расправи. Ваквото решение е неприфатливо и спротивно на Судскиот деловник.

Напоменуваме дека уште во текот на месец јули 2019 година Управниот суд беше подготвен по спроведената постапка за реконструкција на горенаведениот објект навремено да ги обезбеди соодветните услови за непречено функционирање и примена на новиот Закон за управните спорови, меѓутоа од причините наведени погоре бевме спречени да се реализираат предвидените градежни активности.

Имајќи го предвид сето горенаведено, претседателот на Управниот суд повторно упатува апел до горенаведените институции, посебно до Министерството за правда и Судскиот совет на РСМ, да ги преземат неопходните активности, за одложување на новиот Закон за управните спорови, како и да се изнајде брзо решение за предавање на доделениот објект на Управниот суд, а со единствена цел – брзо и ефикасно спроведување на постапките во согласност со новиот Закон за управни спорови“, се вели во соопштението на Управниот суд, потпишано од претседателот на Судот, Бурим Сејдини.

М.В