Управните судии ќе одлучуваат по тужбите што ги поднесе СДСМ
По примањето на тужбите, Управниот суд има рок од 48 часа да одлучува, а одлуката што ќе ја донесе треба да ја објави во рок од 24 часа. По тужбите што ги поднесе СДСМ ќе одлучува Совет составен од петмина судии избрани по пат на ждрепка на јавна седница. Одлуките што ќе бидат објавени на веб-страницата на ДИК, според Роковникот на Комисијата, ќе го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.
Рокот за поднесување тужби до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија по приговорите што ги поднесоа СДСМ и БЕСА, а кои се однесуваа на гласањето и резултатите од предвремените парламентарни избори, истече синоќа. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија информираше дека поднел четири тужби кои се однесуваат на гласањето во избирачки места во шестата изборна единица, додека пак БЕСА соопшти дека нема да поднесува тужби до Управниот суд, иако ДИК отфрли седум од вкупно осум приговори што ги поднесе Движењето БЕСА. Имено, Државната изборна комисија прифати само еден приговор на БЕСА, односно поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар.
Според одлуката на ДИК, решението за поништеното гласање во гласачкото место во Гостивар ќе биде доставено и до партиите и до коалициите учесници на изборите во шестата изборна единица, кои исто така имаат право да ја обжалат одлуката до Управниот суд.
СДСМ, како што изјави партискиот портпарол, нема да подлегне на евидентните притисоци коишто ги имаат од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Особено очекуваме дека Управниот суд од себе ќе го отфрли времето на партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека дел од судиите се опфатени со истраги од Специјалното јавно обвинителство за учество во изборна измама“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
По примањето на тужбите, Управниот суд има рок од 48 часа да одлучува, а одлуката што ќе ја донесе треба да ја објави во рок од 24 часа. По тужбите што ги поднесе СДСМ ќе одлучува Совет составен од петмина судии избрани по пат на ждрепка на јавна седница.
Одлуките што ќе бидат објавени на веб-страницата на ДИК, според Роковникот на Комисијата, ќе го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.
Инаку, седницата на Државната изборна комисија траеше три дена, со што беа пробиени роковите предвидени со Роковникот за изборите. Токму поради ова се одолжува и рокот за конечните резултати од парламентарните избори, кои би биле објавени по донесување на одлуките на Управниот суд. Во случај да има прегласување, тоа треба да се одржи на 25 декември, односно две недели по одржување на изборите на 11 декември.
А. Б.