Управните судии на советување за капитално финансирано пензиско осигурување
Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), денеска организираше тркалезна маса на тема „Капитално финансирано пензиско осигурување“.
На тркалезната маса учествуваа судии, советници и судски соработници од Вишиот управен суд и од Управниот суд и претставници на МАПАС. Свое излагање на денешниот настан имаа претставниците на МАПАС: Татјана Стефановска, раководител на Сектор за правни работи, Владо Георгиев, раководител на Сектор за институционална контрола и Дарко Саздов, раководител на Сектор за финансиска контрола.
Во врска со структурата на пензискиот систем, на денешната тркалезна маса беше истакнато дека пензискиот систем е составен од три столба. Првиот столб подразбира задолжително пензиско и инвалидско осигурување, вториот столб е задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, а третиот столб е доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Овие столбови, беше нагласено на тркалезната маса, имаат свои разлики. Првиот столб е тековно финансиран, односно тековните осигуреници плаќаат за тековните пензионери, додека пак вториот и третиот столб се капитално финансирани во смисла на тоа дека придонесите континуирано се инвестираат и сите придонеси и приноси од инвестициите се акумулираат на индивидуална сметка на членот, а по неговото пензионирање се користат за исплата на неговата лична пензија.
„Развојот на вториот и третиот столб на капитално финансирано пензиско осигурување ја овозможи можноста за инвестирање на средствата на пензиските фондови со цел остварување на највисок принос, единствено, во полза на членовите и пензионираните членови и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби“, беше истакнато на тркалезната маса.
МАПАС го регулира процесот на зачленување во задолжителниот пензиски фонд и води Регистар на членови. Договорот за членство се потпишува во стандардизирана форма и треба да ги содржи сите задолжителни елементи. Осигуреникот потпишува договор за членство во задолжителен пензиски фонд со агент на пензиско друштво.
„Пензијата е основен извор на приход во старост. Човекот додека е млад работи и заработува плата, а во старост не заработува и живее од пензијата. Во целиот работен век човекот заработува и троши, но мора и да штеди за да има средства во старост. Луѓето живеат сè подолго и човекот колку подолго и повеќе штеди, ќе има и поголеми приходи во старост. Затоа за пензија се штеди уште од првата плата“, беше подвлечено на денешната тркалезна маса.
М.В