/Прочитано:

544

Управните судии на советување за Законот за општата управна постапка

Во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев” се одржа советување за Законот за општата управна постапка“, на кое присуствуваа судии и советници/судски соработници на Вишиот управен суд и на Управниот суд, како и претставници на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. На советувањето свое излагање имаше проф. д-р Борче Давитковски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје.

Со Законот за општата управна постапка се уредуваат постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје кога во вршењето на своите законски надлежности постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.

Целта на Законот за општата управна постапка е ефикасна и ефективна правна заштита на физичките и правните лица. Новините во врска со општата управна постапка се дополнителните елементи на управен акт,  комуникацијата помеѓу органите, електронските потписи,  примената на Законот за електронско управување,  известувањето преку електронски средства,  доставувањето по електронски пат,  предавањето на жалба и вонредните правни средства.

Како новини во начелата во управната постапка, на советувањето беа посочени:  начелото на законитост, начелото на пропорционалност – тежина, штета, интерес на трети лица, време, начелото на економичност и ефикасност, начелото на еднаквост, непристрасност и објективност, начелото на сервисна ориентација, начелото на утврдување на материјална вистина, начелото на сослушување на странки, начелото на слободна оценка на доказите, начелото на делегирање на надлежноста, начелото на правна заштита, конечен и правосилен управен акт и  начелото на активна помош на странката.

Во врска со идните чекори за примена на ЗОУП, на советувањето беше истакнато дека во делот на институциите потребно е уедначување на управната практика, обезбедување кадровски, технички, финансиски ресурси, подготовка на нови правилници за систематизација и за постапување по приговор и воведување на дигитализација – електронски услуги и електронска комуникација

Во однос на службениците, потребни се обуки за новите законски решенија, прилагодување кон новите услови, достапност и транспарентност, ефикасно и ефективно постапување и одговорност, додека пак во однос на граѓаните потребно е запознавање на јавноста со новините и помош на неуки странки.

М.В