/ Прочитано:

1.958

Управување со средства за сметка на индивидуален клиент: Сертификатот за депозит станува активен инструмент за тргување на пазарот со хартии од вредност

Сертификатот за депозит да биде активен инструмент со кој може да се тргува на пазарот со хартии од вредност, предвидуваат новите измени на Законот за хартии од вредност. Предложените законски решенија ќе имаат позитивен ефект и стимул на долг рок, но за заживувањето на инструментот од големо значење е и спецификата на пазарот, велат за Академик друштвата за управување со инвестициски фондови и брокерските куќи. Сертификатот за депозит добива и нова дефиниција, но станува и предмет за осигурување заради зголемена доверба и сигурност, како што посочуваат од Министерството за финансии.

Заживување на сертификатот за депозит како еден од инструментите со кои може да се тргува на пазарот со хартии од вредност

Во новите измени на Законот за хартии од вредност, кои се наоѓаат во собраниска процедура, се посочува дека измените на овој закон биле неопходни со цел да заживее издавањето на овој инструмент и тргувањето со него. Со измената се пропишува друштвата за управување со инвестициски фондови да можат да бидат членки на депозитарот, со што ќе може да отвораат портфолио сметка на хартии од вредност при вршење на услугата управување со портфолио на хартии од вредност за сметка на вложувачот.

Практиката ја наметна потребата за измени на Законот за хартии од вредност

„Со Законот за хартии од вредност се уредуваат начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност. Сертификатот за депозит е еден од инструментите со кои може да се тргува на пазарот со хартии од вредност. Со цел да заживее издавањето и тргувањето со овој инструмент, беше направена анализа на регулативите од други држави, со кои е уредено издавањето на сертификати за депозит. Од анализата произлезе потреба да се прецизира постоечката дефиниција на сертификатот за депозит. Исто така, праксата покажа дека има потреба да се направат и други измени во Законот за хартии од вредност. Дел од измените се главно од техничка природа, а се поврзани со полагањето на стручниот испит за работа со хартии од вредност и инвестициски советник. Со измената се пропишува друштвата за управување со инвестициски фондови да можат да бидат членки на депозитарот со што истите ќе може да отвораат портфолио сметка на хартии од вредност при вршење на услугата управување со портфолио на хартии од вредност за сметка на вложувачот“, се наведува во предложеното законско решение.

Заживувањето на инструментот зависи од спецификите на пазарот

Од Комисијата за хартии од вредност велат дека суштинските измени во законското решение се однесуваат на сертификатот за депозит како круцијалната новина, со тоа посочувајќи и на новините поврзани со друштвата за управување со инвестициски фондови. Од овие друштва коментираат дека предложените решенија се позитивни гледано на долг рок и дека ќе бидат и  стимулативни, меѓутоа постои и одредена резерва за ефективноста на краток рок.

„По теорија, би требало да заживее издавањето и тргувањето со овој инструмент, меѓутоа тоа сепак зависи од конкретните услови на пазарот, секој пазар си има свои специфики“,  велат од Друштво за управување со фондови „Илирика фунд менаџмент“ АД Скопје.

Позитивен стимул на долг рок

Од КБ „Публикум инвест“ АД Скопје посочуваат дека на долг рок постои можност ваквото решение да биде позитивен стимул бидејќи, како што велат, и денес практиката говори дека може да се најде начин за лично управување со средствата.

„Тоа што само ќе се дополни бројот нема суштински да промени ништо, но на долг рок би можело да биде позитивен стимул“, велат од КБ „Публикум инвест“ АД Скопје.

Граѓаните ќе може да ги продаваат како хартија од вредност своите орочени депозити

Од Друштвото за управување со фондови „Иново статус“ АД Скопје оценуваат дека со предложеното решение би имало заживување на инструментот затоа што со тоа практично би се отвориле нови можности во работењето на инвестициските фондови, но и за самите клиенти.

„Со ова секако се добива нов инструмент на пазарот. Граѓаните ќе може да ги продаваат како хартија од вредност своите орочени депозити. Со тоа и инвестициските фондови ќе може да управуваат со средствата на индивидуалниот клиент“, велат од Друштво за управување со фондови „Иново статус“ АД Скопје.

Од Брокерската куќа „Иново брокер“ АД Скопје посочуваат дека измените ќе внесат позитивен импулс и поголема деловна мобилност.

„Со тоа ќе се зголеми мобилноста и спојувањето на инвеститорите и штедачите. Новиот материјал, новите клиенти и новиот инструмент внесуваат свежина и се очекува раздвижување на пазарот во таа насока“, велат од „Иново брокер“ АД Скопје.

Нова дефиниција за сертификат на депозит: „Сертификат за депозит е неограничено пренослива должничка хартија од вредност издадена од издавач – банка или штедилница како доказ за сопственост на депозит, со кој издавачот се обврзува да го исплати имателот на сертификатот на начин и под услови содржани во истиот.”

Управување со средства за сметка на индивидуален клиент

Од Министерството за финансии објаснуваат дека со предложениот Закон друштвата за управување со инвестициски фондови ќе можат да станат членки на депозитарот за хартии од вредност и ќе можат да отвораат портфолио сметки во депозитарот при вршење на услугата – управување со средства за сметка на индивидуален клиент.

„Во согласност со предложеното законско решение издавачите кои ќе издаваат краткорочните сертификати за депозит нема да имаат обврска да бараат одобрение за нивно издавање од страна на Комисијата за хартии од вредност. Со предложениот закон друштвата за управување со инвестициски фондови ќе можат да станат членки на депозитарот за хартии од вредност и ќе можат да отвораат портфолио сметки во депозитарот при вршење на услугата – управување со средства за сметка на индивидуален клиент. Исто така, брокерските куќи ќе имаат обврска веднаш да го внесат налогот од клиентот во системот за тргување на берзата. Ваквата измена е во насока на заштита на интересите на инвеститорите со цел да не му се остави простор на брокерот да шпекулира со добиените налози на клиентите за купување и продавање на хартии од вредност, односно истите веднаш да ги внесе во системот за тргување за нивна реализација“, ги појаснуваат очекуваните цели од Министерството за финансии, кои беа образложени во Собранието на Република Македонија преку филтерот на собраниските комисии.

Заради доверба и сигурност: Се проширува опфатот на депозитите што се предмет на осигурување – ќе бидат вклучени и сертификатите за депозити

Паралелно со измените на Законот за хартии од вредност, се предлага и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Основната цел на предлогот на Законот е да се зголеми опфатот на депозити кои ќе се осигуруваат и обесштетуваат, со што се пропишува под депозити да се подразбираат сертификатите за депозит во смисла на Законот за Фондот за осигурување на депозити.

 „Со ова законско решение се очекува да се зголеми довербата и сигурноста на потенцијалните иматели на сертификатите за депозити како штедачи во банкарскиот систем на земјата, во случајов како издавач на инструментот сертификат за депозит“ се посочува во предложеното законско решение, чиј предлагач е Владата на Република Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk 15.012015